Началникот се враќа во Шутка: Притвор за Сашо Мијалков и Бедредин Ибраими


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


По барање од страна на специјалната јавна обвинителка Фатиме Фетаи за осудените Сашо Мијалков и Бедредин Ибраими во рамки на „Титаник 2“, Кривичниот совет им одреди притвор до правосилност на пресудата.

За останатите осудени, Сашо Срцев, Влатко Сајковски и Анета Стефановска одреди мерки на претпазливост.

Фетаи побара од Судот да му одреди притвор на Мијалков затоа што како што рече Врховниот суд ќе му го укине куќниот притвор како што ги ослободи останатите осомничени во Империја.

-Ако се има предвид одлуката на Врховниот суд за останатите осомничени во Империја кои беа пуштени на слобода, прашање на денови, а можеби и на часови е кога Врховниот суд врз основа на својот став за СЈО ќе го ослободи и Сашо Мијалков. Поради опасност од бегство барам да му се одреди притвор, рече Фетаи.

Обвинетиот Сашо Мијалков реагираше во Судот на барањето на обвинителката на СЈО Фатиме Фетаи, Судот да му одреди притвор поради опасност од бегство. Тој кажа дека ваквите тврдења на Фетаи без да понуди ниту еден доказ за тоа се само шпекулација.

„Од моето однесување досега, ниту со еден мој гест, ни постапка не сум дал ниту мала индиција дека сум помислил, а не пак да планирам такво нешто“ рече Мијалков.

Неговите адвокати исто така побараа од Судот да не му одредува притвор, затоа што тој веќе е во куќен притвор за друг предмет.

Ова е прва пресуда за Мијалков кој е обвинет уште во 3 предмети на СЈО – Тортура, Таргет – Тврдина и Трезор.

Мијалков е во куќен притвор по барање на СЈО за случајот Империја. Врховниот суд минатата недела ги ослободи од куќен притвор останатите осомничени во Империја, Камчев, Панделевски и Јосифовиќ со образложение дека СЈО нема право да бара притвор за овие лица затоа што истрагата за Империја била покрената по јуни 2017 година.

Фетаи побара притвор и за обвинетиот Бедредин Ибраими кој „во текот на постапката покажа дека не го признава СЈО и може да не ја почитува ниту пресудата на Судот“.

Ибраими реагираше дека Судот, кога ја утврдувал висината на затворската казна, не ги зел предвид доказите на одбраната, со кои се потврдувале дека гласањето на членовите на ДИК било законско.

Адвокатот на обвинетите Боро Tасевски кажа дека СЈО не докажало дека прислушуваните разговори кои ги користело се автентични.

Нова ТВ