Началникот на СВР Куманово обвинет за изборни нерегуларности – тој тврди дека Чавков го мести


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Изборни нерегуларности, односно давање поткуп, дрва за огрев, на жителите во ромското маало во Куманово, била причината за вчерашниот упад на специјалци во домот на началникот на кумановската полиција Стојанче Величковиќ. Началникот обвинува дека ова е местенка од обвинителот Марко Зврлевски и од поранешниот министер на полицијата Митко Чавков.

Вчера доцна попладнето специјалци на МВР, заедно со јавни обвинители упаднаа во куќата на Величковиќ, кој стана началник на полицијата со одлука на техничкиот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски. Основното јавно обвинителство покренало истрага за сомневања за корупција и вмешаност на Величковиќ во изборен криминал.

Откако специјалците влегле во неговиот дом, група граѓани, привзаници на СДСМ се собрале пред неговата куќа, со возила го блокирале излезот на специјалците и побарале објаснување за причините на акцијата. Потоа, на насобраните граѓани им се обрати Величковиќ кој рече дека е ова политичка местенка и ги повика да се повлечат за да можат специјалците да си заминат. Потоа Величковиќ сам отишол во полициската станица да даде изјава.

Бандитите на Марко Зврлевски, а организирани од Митко Чавков дојдоа да ме уапсат. Влегоа со автоматски пушки, ми го преплашија семејството и почнаа да пребаруваат некакви документи. Ми фингираат списоци и сакаат да ме заплашат за победата во Куманово. Никој не најде забелешка за изборите во Куманово. Претураа по мојата чанта, ми го проверуваа тефтерот и најдоа документи кои не се строго доверливи. Нека водат постапка и доколку сум виновен ќе одговарам. Јас не сум началник на една политичка партија, туку на сите граѓани, изјави Величковиќ.

Во одбрана на Величковиќ застана и првиот човек на општина Куманово, Зоран Дамјановски, јавува Кумановскимуабети.мк.

Ова е невиден безобразлук. Во оваа драматична ситуација во државата, кога немаме дефинирано официјални резултати од изборите, тие сакаат да сеат страв и закани. Се обраќам до сите граѓани да бидат мирни и воздржани, изјави Дамјановски.

Полициските инспектори и обвинителите исвиркани од граѓаните заминаа од куќата на кумановскиот началник на полицијата, со некои документи кои допрва ќе бидат вештачени.

За време на изборната кампања, за случајот со наводниот поткуп со дрва за огрев за социјално загрозените семејства Роми, најпрво беше обвинета опозицијата, а потоа се јави невладината организација Романо пралипе која информира дека тие веќе со години тоа го прават за овие семејства.