На воспитувачите и наставниците кои штрајкуваат за април ќе им се исплатат само придонеси, не и плати


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска, најави дека на вработените во образованието и детските градинки кои штрајкуваат ќе им се исплатат придонеси, но плати за нив ќе нема.

Таа вели дека согласно Колективниот договор за детска заштита за градинките под надлежност на министерството и во Законот за работни односи се вели дека во услови на штрајк работодавачот е должен да исплати придонеси на сите оние работници кои штрајкуваат на најниската основица за исплата на придонесите, а почитувањето на законот не е притисок, децидна е Тренчевска.

„Јас како министер мора да го почитувам Законот и мора да го почитувам Колективниот договор. Се друго што ќе биде направено надвор од ЗРО и она што е мое законско овластување ќе биде злоупотреба на службена положба, а со оглед на тоа што е врзано со фискални импликации ќе значи кривична одговорност. Компромис е кога и двете страни прават отстапки.“- Јована Тренчевска, министер за труд и социјална политика.

Министерката побара СОНК да ја преиспита одлуката и неговите претставници и членството да седнат да разговараат за конкретниот предлог, и да го прифатат, со цел, како што рече, штрајкот да прекине и учениците да се вратат во училиштата и во градинките. Таа уште еднаш потсети дека во текот на дијалогот Владата понудила најсоодветно решение во однос на буџетот и појасни дека друго зголемување може да предизвика несакани инфлаторни проблеми во државата.

Градоначалникот на општина Карпош Стевчо Јакимовски пак, вели дека локалната самоуправа согласно законските прописи овозможила на директорите во градинките и во училиштата да обезбедат замена на вработените кои штрајкуваат, останатото како што рече тој, е умешност на директорите.

Според министерката вработените во 29 градинки во земјава не штрајкуваат, во останатите, се прифаќаат сите деца иако има делови од објектите кои се затворени. Една од нив е градинката „Орце Николов“ во Карпош, каде што нормално се одвива процесот на згрижување, бидејќи штрајкувачи, нема.

По двенеделното солидаризирање со негувателите , доколку штрајкот продолжи и по празниците, голем дел од родителите најавија дека ќе ги носат децата во градинка.