На венчавката од австриската министерка: Путин однесе неколку подароци и танцуваше со невестата


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Рускиот претседател Владимир Путин беше гостин на венчавката од австриската министерка за надворешни работи, Карин Кнејсл, која беше критикувана поради поканата која му ја упати на првиот човек на Русија.

Путин на венчавката однесе повеќе подароци, а заигра и со невестата на свадбената веселба која беше одржана во јужната провинција Стирија. Таму тој наврати во рамки на патувањето во Германија, каде одржа работен состанок со канцеларката Ангела Меркел.

53-годишната Кнејсл се омажи за бизнисменот Волфганг Мејлингер, а церемонијата се одржа во градот Гамилц, блиску до границата со Словенија.

Путин на прославата пристигна со букет цвеќе, а во негова придружба беше трупата „Донски Козаци“, државниот академски ансамбл на песни и танци од Донската област во Русија, кои настапија како гости на веселбата.

Портпаролот на Путин, Дмитриј Песков изјави дека рускиот претседател на брачниот пар им подарил слика со пејзаж од селски живот, античка маслена преса и урна-самовар која се користи за варење чај во Русија. Зборувал на германски јазик и наздравил со брачната двојка.

Путин бил поканет на венчавката кога беше во посета на Австрија претходно оваа година. Путин и зетот делат иста пасија кон џудото. Се нагаѓало дека тој на свадбата ќе пристигне со хеликоптер, но таму се појави со конвој од автомобили. Се задржал 20-тина минути и продолжил за Германија.

Неговото присуство предизвика бурни реакции во австриските медиуми, а некои политичари одбија да одат на свадбата поради него.