Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Највисокото стручно тело на Универзитетот во Белград, Сенатот, едногласно ја поништи одлуката за докторска титула на актуелниот министер за финансии на Србија, Синиша Мали.
Членовите на Сенатот на тој начин ја потврдија својата одлука за одземање на дипломата од 2019 година, а ректорот Владан Ѓокиќ вели дека Универзитетот повеќе не сака да се занимава со овој случај, освен ако не биде обврзан со нови судски одлуки.
„Сенатот и универзитетот повеќе немаат намера да се занимаваат со овој случај, а ние ќе се занимаваме само доколку има некои други и дополнителни судски одлуки кои ќе не обврзат на тоа“, посочи Ѓокиќ,а на прашањето дали сега Мали може повторно да се жали до Управниот суд, тој одговара: „Секој може да се жали според правниот лек што постои“.
Докторатот на Мали од ФОН е оспорен уште од 2014 година поради плагијат. Комисијата за професионална етика утврди неакадемско однесување на министерот Мали во 2019 година, а со тоа се согласи и Сенатот на Универзитетот во Белград уште тогаш.
Мали се жалеше до Управниот суд, кој ја оспори ваквата одлука на стручњаците од процедурални причини. Тогашниот декан на ФОН, Милија Шукновиќ, изрече мерка јавна осуда на министерот за финансии, што беше основа да се дојде до денешната одлука.
Министерот Мали на социјалните мрежи реагираше на одлуката на универзитетското тело.
„Ова е политичка одлука, која не можам да ја прифатам и затоа ќе ги искористам сите расположиви правни средства за да ја побијам. Не се плашам, бидејќи знам дека вистината е на моја страна“, објави Мали на Инстаграм.
Мрежата за академска солидарност и ангажман (MASA) објаснува дека Владата го игнорирала овој случај, вршејќи притисок врз Универзитетот, додека во исто време политичката кариера на Мали постојано напредувала. За денешниот исход, велат, дека е задоволителен.
„MASA е во процес на проверка на плагијати и на други високи функционери, а процедурата ќе ја започнеме во следниот период, но ќе се обидеме да не заврши оваа приказна“, изјави Владан Чокиќ, научен советник во Институтот за медицински истражувања при Универзитетот во Белград, во име на MASA.
Српскиот претседател Александар Вучиќ пред две години во врска со овој случај изјави:
„Јас одамна го советував да го искине, и повторно да го земе пред сите и да напише нов труд, да ги повика сите луѓе да слушнат. Тој ми викаше – не, не, се борев, вложив многу труд. И еве ти сега“, рече тогаш Вучиќ.