Advertisements
Актуелно

На обработени 99,8% од гласачките ливчиња еве како стојат со гласови кандидатите

Според статистичките податоци од обработени 99,8 проценти од вкупниот број на гласачки ливчиња, Државната изборна комисија ги објави првичните неофицијални резултати од гласањето во првиот круг за избор на Претседател на Македонија.

Од обработени 99,8 проценти од гласачките ливчиња, кандидатот поддржан од СДСМ и ДУИ освоил 323.846 гласа, Гордана Силјановска 319.240 додека Блерим Река освоил 79.915.

Нешто над 4.600 гласа, е разликата меѓу двајцата претседателски кандидати Стево Пендаровски и Гордана Силјановска по првиот круг на гласање на шестите претседатески избори од осамостојувањето на државата.

Недостасуваат уште неколку избирачки места, но според податоците се работи за нешто помалку од 1.000 гласа.

Интересно беше што на прес конференциите кои се одржаа нешто пред полноќ, и двете најголеми партии од македонскиот политички блок, СДСМ и ВМРО – ДПМНЕ, прогласија победа во првиот круг на изборите, пренесува Гласот на Америка.

Прва пред јавноста се обрати Гордана Силјановска која кажа дека остуството на правото и правдата се една од главните прични за успехот во првиот круг на изборите.

„Опозицијата успеа навистина не само да им предочи туку и да ги убеди граѓаните дека во отсуство на право и правда ние може да си раскажуваме приказни за ЕУ и НАТО . Се уморивме од фрази, од навреди, а уморни сме од просечни и потпросечни луѓе. Тоа е за мене е уште еден голем предизвик и во вториот круг ќе продолжам така како што дебатирам со аргументи, така ќе разговарам и со граѓаните“ изјави Силјановска.

Во своето обраќање таа речиси ги присвои гласовите кои ги освои кандидатот Река.

„Ако ние добивме олкав број на гласови и ако на тие ги додадеме оние на господинот Блерим Река како независен кандидат поддржан од две партии приказната е јасна “, рече Силјановска.

По неа се обрати претседателот на ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицковски, кој во своето обраќање освен што ги наброја градовите во кои тие имаат водство нагласи дека ја победиле „хотел коалцијата“.

„Победи Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ со народот, најголемата, најсилната, коалиција, наспроти однародената власт предводена од Зоран Заев, СДСМ и уште други 30тина партии кои што за жал одбраа да му бидат слуги на Зоран Заев. Власта е делегитимирана, почна падот на Зоран Заев и секој треба да е свесен за тоа, а особено тој која ја влече назад целата држава, тој има име и презиме, Зоран Заев.Денешниот ден покажа, и дека народот, поради оваа власт е во апатија, незадоволен, но и револтиран. И што е најважно ја победивме хотел коалицијата“, рече Мицкоски.

Кратко потоа, во централниот штаб говореше победникот во првиот круг, Стево Пендаровски. Тој кажа дека очекува победа и поголем број на гласови во вториот круг и директно им се обрати на поддржувачите на Река. На крајот нагласи дека ќе биде претседател на сите.

„Изборот во вториот круг од претседателските ќе биде полесен. Зошто? Затоа што разликата помеѓу мене и Гордана Силјановска е голема. И верувам дека тоа ќе придонесе за уште поголема одлучност и тоа во прилог на концептот Напред, затоа што знаеме, Назад не е опција, туку блокада и криза. Сакам да се обратам посебно до граѓаните кои гласаа за кандидатот Блерим Река, до неодлучните, како и до оние кои гласаа за Силјановска, но внатрешно се свесни за штетите што ги носи тој концепт на поделби и враќање назад. А јас едвај чекам да се фатам за работа на патот кон евро-атлантска и економски развиена Република Северна Македонија, за сите, од позицијата претседател на државата, затоа што 10 години оваа земја немаше претседател“, кажа Пендаровски.

Пред присутните говореше и лидерот на СДСМ и премиер, Зоран Заев, кој изрази увереност во победата на Пендaроvски во вториот круг. Тој исто така ја побара поддршката од поддржувачите на Река.

„Два, целосно различни концепта се спротвивставени во вториот изборен круг. Концептот на Стево Пендаровски е прогресивен и обединува. Другиот концепт на Гордана Силјановска е деструктивен и го дели народот. Јас знам дека во вториот круг, граѓаните уште посилно ќе го поддржат напредокот. Победата е во напредокот, во прогресот, во концептот кој води кон НАТО и ЕУ! Очекувам и граѓаните кои денеска гласаа за господинот Блерим Река, на 5-ти мај да постапат одговорно и да придонесат кон патот кој води Напред, затоа што и тие знаат дека Назад носи штети, за сите, па и за нив“, кажа Заев.

Претседателот на ДИК, Оливер Дерковски, изјави дека првиот круг на гласање минал во добра и мирна атмосфера, без посериозни забелешки од учесниците во кампањата и од набљудувачите.

„Од аспект на Државна изборна комисија сметам дека ја постигнавме целта да организираме и спроведеме чист и коректен изборен ден“, рече Дерковски.

Тој нагласи дека очекува вториот круг, во кој се квалификуваа Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова, да помине во мирна и коректна атмосфера.

Втор круг на избори ќе има и за градоначалник во Охрид и Ново Село каде ниту еден од кандидатите не освои 50 отсто од гласовите во првиот круг, за разлика од Дебар каде кандидатот на ДУИ, Хекуран Дука, победи во првиот круг.

Advertisements
To Top