Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
На локацијата на мегалитската опсерваторија Кокино, на 21-ви август (недела) ќе се одржи целодневниот културен хепенинг КОКИНО – Тврдина на сонцето. Овој несекојдневен настан е организиран за едно поинакво афирмирање на мегалитската опсерваторија, која според НАСА се наоѓа на четврто место на најстарите опсерватории во светот.
Со грижливо селектирана програма, мултимедијалниот фестивал „Тврдина на сонцето” има цел да ѝ даде поинаква живост и промоција на самата мегалитска опсерваторија, без да се нарушат атмосферата и духот на самиот локалитет. Во рамки на програмските активности, на Кокино ќе се одржат повеќе работилници, предавања, поетско читање и филмски проекции, а вечерта е резервирана за музичката програма и настапите на КИРИЛ ЏАЈКОВСКИ, ФОЛТИН и МУХАМЕД ИБРАИМИ.
Во недела, во подножјето на Кокино, долж обележаната рута и во просторот на самата опсерваторија нѐ очекуваат мноштво културни активности. Програмските активности на настанот почнуваат во попладневните часови со организирани, едукативни тури до опсерваторијата, но и организираните работилници за филигран, керамика, компостирање, оригами, а паралелно со нив ќе се одвиваат и предавања од областа на астрономијата.
Перформативните активности на настанот пак стартуваат со поетско читање, со кое се отвора главната сцена. По читањето, во вечерните часови продолжува музичка програма и перформансите во живо во чии рамки ќе настапат МУХАМЕД ИБРАИМИ, ФОЛТИН и КИРИЛ ЏАЈКОВСКИ.
Посебно уживање е предвидено и со затворањето на настанот, кога ќе се одвива набљудување на ѕвездите и кино под отворено небо. Во опуштена атмосфера на магичната локација и со избор на краткометражни филмски продукции околу полноќ ја затвораме целодневната дружба.
Влезот за настанот е бесплатен, а за истиот е организиран и автобуски превоз од Скопје.
Билетите за организираниот автобуски превоз на релација Скопје – Кокино – Скопје чинат 200 денари.
За време на настанот ќе биде регулиран и пристапот до локацијата со автомобили, за што пак е обезбеден посебен паркинг простор, кој посетителите ќе ги чини 100 денари од возило.
Бидејќи специфичноста на локацијата наметнува посебни услови пред сѐ од безбедносен и еколошки аспект, апелираме до посетителите во што поголем број да го користат организираниот автобуски превоз. Доколку сепак се одлучите на настанот да дојдете со сопствено возило, поради строго ограничениот капацитет ве советуваме што поскоро да го осигурате билетот за пристап до паркингот на настанот. На овој начин, покрај тоа што посетителите придонесуваат во еколошкиот аспект на настанот, тие воедно и донираат за помош на настраданото население од поплавата во Скопје.
Имено, сите средства од продажбата на овие билети целосно ќе бидат донирани за помош на загрозеното население од поплавените подрачја, а со цел да се соберат што повеќе средства, на локацијата каде што ќе се одржува фестивалот ќе има и пунктови за донации.
Билетите за возилата и за организираниот превоз се достапни во претпродажба преку продажната мрежа на МКтикетс, како и онлајн на овој линк. Наскоро ќе бидат објавени повеќе детали за настанот, програмата и организираниот превоз, а сите новости можете да ги следите и на официјалната „Фејсбук” страница за настанот.