Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Во рамки на случајот „Насилствата во општина Центар“, кој го води СЈО, на избеганиот Никола Груевски ќе му биде судено во отсуство.
Судијата Душан Јосифов донесе ваква одлука на денешното рочиште откако рече дека Судот добил известување оти Груевски е недостапен на органите на прогонот, пренесува Мкд.мк.
Во едно од известувањата кои од македонското МВР биле испратени до судот, пишува дека министерот за внатрешни работи на Унгарија се слушнал и му потврдил на неговиот македонски колега Оливер Спасовски дека Никола Груевски е на нивна територија.
Ова беше соопштено од судот на денешното рочиште за Насилството во Општина Центар.
Обвинителката на СЈО, Фатиме Фетаи, побара од судот на избеганиот Груевски да му се суди во отсуство.
Ваквото барање на СЈО следи бидејќи биле исполнети причините за судење во отсуство, односно на обвинетиот Груевски во постапката му се ставаат на товар соучеснички дејствија односно, дејствија на поттикнување.
Адвокатот Димитар Дангов кој го застапува Груевски во оваа постапка, пред Судот рече дека кај неговиот клиент не постоело бегство туку користење на правото на азил, односно добивање на статус на бегалец. Според Дангов, овде нема основа за судење во отсуство туку за судење во раздвоена постапка.
Обвинителката Фатиме Фетаи реагираше на излагањето на адвокатот Дангов со тврдење дека пред Судот треба да се истакнуваат конкретни барања за бегството на Груевски, а не за постапката за азил.
Фетаи му порача на Дангов дека ако сака може да замине за Унгарија и таму да му дава правни совети на клиентот Груевски.
СЈО во оваа фаза од постапката по бегството на Груевски побара од Судот на Груевски да му биде определен притвор во отсуство.
На ова судијата Јосифов одговори дека за овој предлог односно за определување на мерка притвор на пратеник, судот ќе се произнесе откако ќе добие одговор од Собранието. Претходно Собранието одлучи да не му го одземе мандатот на Груевски и тој пред да побегне остана со статус на пратеник.
Во постапката за „Насилството во општина Центар“ заедно со него обвинети се уште неколку лица меѓу кои и Даниела Рангелова, како и екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиевски кој денеска беше спроведен од притвор, кој му беше определен по бегството на Груевски.