На денешен ден е извршен масакрот кај с. Ваташа од бугарската фашистичка војска


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Во период кога бугарските историчари и политичари се прилично гласни со нивните национал-шовинистички изјави оспорувајќи ја македонската самобитност и историја, вреди да се потсетиме на еден ужасен настан кој се случи пред 76 години, за време на Втората светска војна, кога токму Бугарија окупираше и администрираше дел од територијата на Македонија.

На 16 јуни 1943г се случи познатиот масакр во Ваташа — крвав настан во кој биле стрелани 12 младинци од селото Ваташа во близина на Моклиште кај месноста „Чаир“, на 12 км од Ваташа. Колежот го извршила бугарската воjска и одреди полиција, под команда на полковник Љубен Апостолов, по потекло од Крива Паланка командант на 56. Велешки пешадиски полк од Петтата бугарска армија.

Во пролетта 1943 година, по повеќе акции на партизанските одреди на Третата оперативна зона, три полка бугарска војска и одреди полиција, под команда на полковникот Апостолов, од 7 до 16 јуни 1943 година, презема офанзива за уништување на партизаните и се нафрла и на мирното население. Кулминација на погромите над цивилното население е масовното стрелање во Ваташа, на 16 јуни 1943 година, кога на роденденот на бугарскиот престолонаследник Симеон ІІ се убиени 12 младинци. Уште вечерта на 15 јуни низ Ваташа се разнесла веста дека утредента никој не треба да оди на работа, зашто е роденден на престолонаследникот и во Кавадарци ќе се одржува парада. Кога се разденило на 16 јуни, селото било блокирано од војска и полиција. Никој не можел да излезе, а оние што тргнувале на работа ги враќале назад.

Во раните утрински часови во селската кафеана во Ваташа биле приведени и сослушани неколкумина младинци и девојки. Тие биле скоевци, кои кришум им помагале на партизаните, но биле накодошени. Според Стева Илиева од Кавадарци: „Кметот нè собираше од куќите со готов список, сите нè имаше по име и презиме.“ Во кафеана тие се испрашувани и тепани, а потоа се терани да признаат дека биле сите заедно со партизаните на 1 мај во месноста Моклиште и дека биле нивни помошници. На крајот на полицискиот распит се ослободени еден младинец и една девојка. Останатите 12 младинци и 4 девојки остануваат со обвинение за врска со партизаните и претстојно бегство во планината. Откако тие ги поднеле сите тортури и измачувања, полиција и војска ги одвеле пешки во колона кон Моклиште.


Додека ги воделе младинците, на неколку места ги запирале. Веројатно се премислувале каде да ги стрелаат, додека ним им велеле дека ги носат за да ги фотографираат. Најстариот од сите, Васо Хаџиjорданов насетил дека нешто лошо се подготвува, па кај месноста „Чаир“ каде биле запрени, почнал да бега, а по него побегнале и други. Тогаш била издадена наредбата ‘оган’. Дванаесетте младинци биле застрелани, иако сите војници не сакале да пукаат. Четирите девојки што исто така биле уапсени — Мара Хаџи Јорданова, Стева Ампова, Павлина Касапинова и Ката Ицева — ги тргнале настрана. Полицискиот началник Петко Опреков се спротивставил на поручникот Костов кога сакал да ги убие и девојките, а капетан Борис Жеглов го поддржувал Опреков па така тие биле спасени. Војниците ги вратиле девојките назад во селото и издале наредба убиените младинци да не се носат назад, туку да се закопаат на лице место.

Денес на тоа место постои мал споменик. По војната, тие се откопани и преместени на друго место, а по трет пат, таму каде што денеска има голем споменик, се закопани во 1963 година.

Перо Видев имал само 15 години на денот на стрелањето. А со него стрелани се: Ванчо Гурев (19 г.), Данко Давков (18), Илија Димов (18), Ристо Ѓондев (18), Блаже Ицев (20), Пане Мешков (18), Герасим Матаков (18), Ферчо Попѓорѓиев (26), Васо Хаџиjорданов (28), Диме Чекоров (20) и Пане Џунов (18 години).

По две години Народниот суд во НР Македонија ги осудил на смрт главните раководители и учесници во оваа акција: полковник Љубен Апостолов, капетан Борис Жеглов, поручник Костов и подофицер Петко Опреков. Пред тоа сите тие се предадени од новата влада на Бугарија на југословенските власти за судење како фашисти. Апостолов, кој бил командант на војската и ја издал наредбата за стрелање, тврдел дека не е виновен за ваташкиот масакр. Тој бил суден за повеќе злодела и сите ги признал, но за ваташкиот масакр кажал дека добил листа со имиња, а на неа стоело дека младинците се партизани уапсени во шумата, а не собрани од нивните куќи. Раскажал и за улогата во настанот на четворица ваташанци-предавници, тројца мажи и една жена.

Во спомен на настанот, изградена е спомен костурница на стреланите 12 младинци од Ваташа, која е откриена на 11 октомври 1961 година. На јужниот ѕид на споменикот е запишано: „Смртта стана немоќна пред нашата младост исправена, пред очите наши загледани, уште тоа утро во иднината“. На местото на стрелањето подигнат е спомен парк со површина од 7 ха, а во него се посадени 12 јавори како симбол на стреланите младинци. За настанот испеана е народна песна: „Ми заплакало селото Ваташа“.

Денешните бугарски историчари и политичари тврдат дека во Втората светска војна немало никаква окупација на Македонија, туку Бугарија се обединила. Со договорот за добрососедство Македонија се обврза да дискутира токму за вакви небулози со бугарската комисија.