Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Околу 180 милиони евра се веќе префрлени од сметката на Буџетот на Македонија на сметката на конзорциумот „Бехтел и Енка“, а на терен од изградбата на коридорите 8 и 10д засега нема ништо. Освен двете свечености за почеток на изградбата на коридорите, вчера „Бехтел и Енка“ во Гостивар организираше и саем за вработување.
Ова беше ретка можност новинарите да зборуваат со директен претставник на „Бехтел и Енка“. Како и македонските државни претставници, така и директорот на проектот Џошуа Бејкер вчера во Гостивар не беше прецизен кога конечно ќе почне изградбата на коридорите затоа што и рокот од 5 години веќе тече. Бејкер не беше прецизен во одговорот и за висината на платите на околу 2.000 вработени, туку кажа дека ќе бидат според нивната работна позиција и се формирани според актуелната побарувачка на пазарот на трудот.
„Наредните недели би можело да се почне со градежните работи на терен. Вложуваме сериозни напори да почнеме поскоро со градежните работи. Соработуваме со Владата и со општините на експропријација на земјиштето и другите подготовки“, рече Бејкер. Тој додаде дека ако има доволно кандидати, тогаш нема да има потреба да се бараат работници од странство. Во спротивно, недостигот ќе се пополнува со странска работна сила.
Од американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ најавуваат дека вакви саеми за вработување заедно со Агенцијата за вработување ќе се организираат и во други градови и дека се планира изградба на два работни кампа за вработените – еден кај Гостивар и еден кај Прилеп. Изградбата на камповите се очекува да трае неколку месеци.
„Би сакал да ги охрабрам сите луѓе не само од Гостивар, да аплицираат на дадените адреси и да станат дел од изградбата на најголемиот инфраструктурен проект во историјата на нашата држава со којшто ќе изградиме автопатско решение сѐ до границата со Албанија и исто така поврзувајќи ги автопатски и Прилеп и Битола. Во разговорот со менаџерите, планирано е да има над 2.000 вработувања и тие се надеваат сите ќе бидат од Република Македонија“, изјави вчера првиот вицепремиер Артан Груби по посетата на саемот во Гостивар.