На аукција во Лондон продаден редок портрет од султанката Хурем


Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓


На аукција организирана од реномираната британска аукциска куќа Сотби која се одржа во Лондон, насловена „Уметноста на исламскиот свет и Индија“, меѓу другите вредни и значајни предмети, на продажба беше понудено и уметничко дело масло на платно со портрет на султанката Хурем, сопругата на отоманскиот султан Сулејман.

Портретот е продаден за 173.000 долари. Реткиот портрет на султанката Хурем датира од крајот на 16 или почетокот на 17 век, а експертите проценуваа дека може да достигне цена помеѓу 137.000 и 343.000 долари.

Султанот Сулејман I, кој остана на власт цели 46 години, беше еден од најголемите султани што некогаш владеел со Отоманската империја.

Хурем, која западниот свет ја памети како Рокселана, по потекло била од денешна западна Украина, а откако влегла во харемот на султанот Сулејман, таа набрзо станала негова омилена жена. Султанот прво го прекршил правилото со тоа што и дозволил да му роди четири сина, а потоа повторно го прекршил и се оженил со неа.

Султанката била многу влијателна, не само како сопруга на Сулејман туку и во помагањето да управува со империјата.

Додека Сулејман отсуствувал поради освојувањето и неговите патувања, таа со писма го информирала за настаните во главниот град.

Не треба да се заборави ниту дека таа се занимавала со издвојување огромни средства за архитектура и добротворни фондации, вклучително и некои во Ерусалим.

Аукцијата вклучува метални ракотворби од 13 век, два пара очила со дијаманти и смарагд од династијата Могули (16-ти и 17-ти век), позлатен Куран, неколку астрономски инструменти, ирански минијатури, персиски тепих Полонеза и Изник ​​плочки со тиркизни и црвени мотиви.