На 4. февруари ќе биде објавена одлуката кои бугарски политичари ќе бидат „персона нон-грата“ во Македонија


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Безбедносните институции ќе постапат по препораките на Советот за безбедности ќе забранат влез на сите странски државјани во земјата доколку се утврди дека се закана за јавниот поредок, националната безбедност или меѓународните односи, пренесува Дојче Веле.

Ваквата најава доаѓа во пресрет на одбележувањето на раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев на 4 февруари, кога во земјата се очекува да пристигне и организирана група од Бугарија. Дали некој ќе биде вратен на граница, според министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, ќе се знае на 4 февруари.

Ваквите мерки се преземаат по барање на претседателот Стево Пендаровски кој предложи бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски да биде прогласен за персона нон грата во Северна Македонија. На листата на непожелни личности на кои би им бил забранет влезот во земјата би можеле да се најдат и други бугарски државјани, за кои постојат сомневања дека се поврзани со руската разузнавачка служба.

Закани со атентат

Во меѓувреме бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски, во изјава за бугарска Нова, коментирајќи ја изјавата на претседателот Стево Пендаровски дека ќе ѝ предложи на Владата европратеникот Џамбаски да биде прогласен за персона нон грата, го потсети на атентатот на српскиот крал Александар Караѓорѓевиќ.

На прашање на новинарот на Нова дали се препознава во изјавата „на еден европратеник од Бугарија ќе му биде забранет влез во Македонија, а ако се обиде да влезе, ќе биде прогласен за персона нон грата“, Џамбаски вели: „Што се однесува до тоа да ми биде забрането да влезам во Македонија, нека се потсети Стево Пендаровски, претседателот на Северна Македонија, познат по прекарот Стево Коминтерната, дека многу други луѓе се обиделе да им забранат влез на лидери на ВМРО во Македонија и резултатот на тоа бил да речам, последниот таков резултат се случил со југословенскиот, српски крал Александар Караѓорѓевиќ. Така што, да учиме од историјата, ако се обиде да ми забрани влез во Македонија, нека ја види историјата и нека учи од неа“, вели тој.

На прашањето дали планирал да дојде во Скопје на 4 февруари заедно со поголема група луѓе да ја одбележат 151-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, Џамбаски одговара дека не планирал бидејќи имал други обврски, но сега не би можел да ја одбие „ваквата љубезна покана“.

Мирна и достоинствена прослава

Македонските власти се децидни дека ќе биде направено се што е во надлежност на Владата со цел да се гарантира мирно и достоинствено одбележување на 4 јануари, роденденот на великанот Гоце Делчев. „Конкретните активности се исклучиво во надлежност на МВР и одредбите кои регулираат кое лице не може да влезе во државата и ги нарушува меѓународните односи во државата и внатрешниот поредок. За тоа лице, без разлика дали е политичар или не, се спроведува процедурата и не му се дозволува влез во земјата“, вели премиерот Димитар Ковачевски. Тој ги осуди сите оние коишто шират немир и провокации за нарушување на македонско-бугарските односи.

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, вели дека врвен приоритет за Владата е да го зачува мирот и стабилноста во државата. „Не е добро за политичките односи и внатре во државата и меѓу соседите. Знаеме дека секогаш имаме радикални структури кои поради лични или други интереси сакаат да се нарушува тој процес на стабилизација на односите. Од друга страна, никако не смееме да дозволиме да се наруши безбедноста на нашите граѓани. Владата вчера разговараше на оваа тема, го заложи МВР да преземе надлежности во зачувувањето на безбедноста и стабилност во соработка со Агенцијата за национална безбедност“, изјави Спасовски.

Пендаровски деновиве предупреди дека групата која е најавено дека ќе дојде од Бугарија, ќе има за цел нарушување на безбедноста со цел дестабилизација на земјата и на односите со Бугарија, поради што ќе бидат преземени сите потребни безбедносни мерки од границата, се до гробот на Гоце Делчев.

„Според достапните анализи и сознанија на надлежните органи се работи за организирани активности од стана на структури во соседна Бугарија кои се активирани особено по усвојувањето на европската преговарачка рамка во јули, минатата година. Истите овие структури, се веќе мобилизирани и логистички и финансиски за да го поддржат организираното доаѓање во Скопје на повеќе лица на 4 февруари кога го одбележуваме денот на раѓањето на Гоце Делчев. Според сите проценки, тоа ќе биде настан од висок безбедносен ризик и надлежните органи нема да бидат само неми набљудувачи на тоа што ќе се случува“, рече Пендаровски.