Мухиќ сведочеше за крвавиот четврток: „Велеа дека Села е готов, а за другите ќе виделе“


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


„Стравот никогаш не бил одлика на мојот карактер. Срамота би било на овие години да се плашам, но тој 27 април бев длабоко потресен и исплашен“, сведочеше пратеникот, професорот Ферид Мухиќ на своето сведочење за насилството во Собранието, пренесува Мкд.мк.

Пратеникот Мухиќ раскажа дека според она што тој го видел во законодавниот дом, цел на нападите на толпата која влегла во Собранието бил лидерот на СДСМ, премиерот Заев Заев. Зборувајќи за случувањата, сведокот раскажа дека од комуникацијата која ја чул меѓу луѓето кои биле дел од толпата добил впечаток дека се работи за некаква команда или штаб.

„Во еден миг дојде човек и праша што стана со Села. На ова од друг доби одговор дека Села е готов. Потоа пак праша ‘а останатите‘, на што му беше одговорено ‘ќе видиме‘. Очигледно е дека тука имаше некаква хиерархија“, сведочеше Мухиќ.

Она што се случуваше во Собранието, сведокот рече дека го гледал од галеријата во прес-салата. Како најимпресивен детал Мухиќ го одвои делот во кој додека стоел на височина, на галеријата, се сретнал со погледот со лице кое стоело долу во салата и кој фрлил кон него со метална топка. Од ударот, сведокот раскажа дека се спасил со тоа што брзо изреагирал и се поместил в лево, а топката наместо да заврши во неговата глава, се распрснала на ѕидот.

„Најимпресивен детал за мене беше кога ни се сретнаа погледите. Во тој поглед имаше многу омраза која беше страшна, но не се однесуваше лично кон мене. Фрли кон мене со метална топка која што ја извади од ногарка од маса. Тоа беше фрлање од вистински атлета. Само ја поместив главата кон лево и топката се распрсна од ѕидот“, сведочеше пратеникот Мухиќ.

Во своето сведочење тој раскажа дека кога толпата почнала да влегува во Собранието, тој и луѓето кои биле околу него се мислеле што да прават, односно дали да се симнат по скалите, но одлучиле, како што рече, да ја пречекаат толпата на рамен терен. Откако влегла група од десетина лица, сведокот раскажа дека одел, но не знаел на каде и така завршил во галеријата. Таму го исклучил мобилниот телефон за да не се слуша дека има луѓе.

Во овој дел сведокот раскажа дека слушнал глас кој кажал „виде ли кој е горе, професорот Мухиќ е таму, ајде да го фатиме“. Од толпата заканите кои ги добивале биле само вербални и немало насилство. За ликот кој го видел и кој фрлил кон него со метална топка, сведокот Мухиќ рече дека не го препознал меѓу обвинетите во судница, а посочи и дека меѓу луѓето кои седат на обвинителна клупа за 27 април препознал неколкумина кои тогаш ги видел во Собранието. Од толпата, раскажа дека добивал псовки, а дополни и дека бил разочаран од реакциите на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ за кои, како што рече, очекувал да застанат зад нив.

„Очекував од ВМРО-ДПМНЕ да застанат зад нас, да го сопрат сето тоа и да кажат дека е тоа наш заеднички дом. Но, го видов само Ѓорчев дека помага. Бев збунет од се она што се случуваше, од тоа до каде оди човечката ирационалност. Луѓето кои беа дел од толпата ја испуштија од раце својата човечност и со сѐ она што се случи во Собранието направено е нешто што не се поправа. Слушав извици ‘изгледа доаѓаат шиптарите со оружје‘ и слушав гласови кои постојано довикуваа. Во еден момент се слушнаа експлозии од шок-бомби, а по ова двајца полицајци не повикаа и не однесоа во приземјето на Собранието, каде имаше и повредени лица. Ги изнесоа прво повредените, потоа жените и на крај со последното блиндирано возило и мене. Оттаму се упативме во касарната во Ѓорче Петров, од каде со такси си заминав дома“, раскажа пратеникот Мухиќ.

Во текот на своето сведочење Мухиќ рече дека чул како некој довикува оти има група Албанци кои се вооружени и кои чекаат на другиот крај на мостот на Вардар.

На крајот од своето сведочење Мухиќ рече дека им простува на сите кои учествувале во сѐ што се случило, па дури и на оној кој фрлил кон него со метална топка, но дополни дека ништо од она што го видел и преживеал нема да заборави.