Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Денес во Прилеп се одржа јавна трибина на тема:„Театарската критика денес”. Трибината е резултат на соработката меѓу „Гледај.мк“ , проект на Младински културен центар – Скопје и Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“. На трибината учествуваа претставници од домашната театарска сцена, режисери,актери,театролози и критичари.
Д-р Ана Стојаноска, театролог и доцент на Факултетот за драмски уметности во Скопје ја водеше трибината.
„Критиката му е насушна потреба на театарот. Денешната трибина е одличен повод јавно да се проговори за потребата од сериозна, издржана, квалитетна театарска критика во Македонија.“ – изјави таа. Со едуцирањето на публиката и потенцирањето на потребата за критика од страна на театарските уметници, македонскиот театар има можност да стане релевантен фактор во културата.“ – додаде д-р Стојаноска.
На трибината се презентираше и платформата за филмска и театарска критика Гледај.мк. „Сметаме дека преку оваа платформа, ќе создадеме нов простор за младите рецензенти во Македонија да творат и да бидат читани“ изјави Атанас Димитров од Младински културен центар – Скопје. „Ги покануваме сите заинтересирани да ги следат активностите на нашата платформа и со тоа да го поддржат развивањето на домашната критика.“
Сашо Димоски, од театарот Јордан Х.К. – Џинот во Велес, изјави: „Критиката треба да почне во куќата каде се раѓа претставата, бидејќи и претставата е, на свој начин, критика која театарот ја испраќа на јавноста“.Кристина Леловац, доцент по актерска игра на Факултетот за Драмски Уметности ја дополни дискусијата со својот став дека: „Неопходно е ново промислување на театарот, бидејќи недостасува критичко гледање и нема архива од културните случувања во тешките политички услови од минатите години.“
Зоја Бузалковска, професорка на ФДУ – Скопје и режисерка, ја заокружи дискусијата со посочување на потребата за нов стандард во домашната театарска критика: „Критичарот треба да има доволно влијание врз репертоарите на театрите, до степен на дефинирање на јавното и стручното мислење за претставата“.
Присутните на трибината ја забележаа потребата за редефинирање на улогата на критиката на театарска сцена и овозможување на сите потребни услови за младите критичари да ги развиваат своите капацитетии да допрат до пошироката публика.
***
За проектот:
Гледај.мк е платформа чија цел е поттикнување на критичкото гледање на филмот и театарот. Преку проектот, 20 млади рецензенти во текот на оваа година ќе учат критички да гледаат и да пишуваат, ќе посетуваат претстави и проекции и ќе ги оценуваат, со поддршка од тим на искусни ментори. Истовремено, Гледај.мк ќе работи на едуцирање на домашната публика, на организирање на отворени предавања, проекции, дискусии и интервјуа со домашни и странски гости и соработници. Повеќе информации за Гледај.мк можете да најдете на веб страната gledaj.mkc.mkи https://www.facebook.com/gledaj.mk/