МПЦ не отстапува – причесната ќе се изведува со една лажичка


Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓


Во очи најголемиот христијански празник Велигден, од МПЦ апелираат дека ќе се запазат сите препораки и мерки за заштита од КОВИД-19 за време на празничниот викенд, но дека светата тајна причест ќе се користи една иста лажичка за сите, а не лажичка за една употреба за еден верник или друга импровизација.

Владата реши за ноќта, на Велигден, да нема полициски час. Црквите ќе бидат отворени, но МПЦ ги замолува верниците да носат маска и да одржуваат дистанца.

Според свештенството, како што црквите се должни да ги почитуваaт мерките и препораките на здравствените власти за заштита од пандемијата, сепак и правото на вероисповед не треба да биде загрозено. Традицијата долга 10 века, причеста да се дава со една иста лажичка, ќе продолжи и в недела, на најголемиот христијански празник Велигден, велат од црквата.

Отец Горан Стојчевски од МПЦ за „Слободен печат“ објаснува дека Синодот на МПЦ и Вселенската патријаршија решиле начинот на причестување да остане ист.

– Причеста ќе се одвива на ист начин, со една лажичка. Ние веруваме дека тоа се телото и крвта на Христос и ние преку причеста стануваме дел од него. Тој е господар на животот и не веруваме, светотаински, дека би имало каква било опасност по нас. Причестата ќе се одвива како што се одвивала и во изминатите векови – изјави отец Стојчевски.

Со него се согласуваат и служителите од другите цркви во земјава што ги контактиравме. Портпаролот на МПЦ, владиката Тимотеј, вели дека ќе се почитуваат мерките на заштита за Велигден, односно ќе се одржува дистанца и верниците ќе носат маска, меѓутоа причестата останува со една лажичка и на слободната волја на секој верник. Тој што е болен и се плаши дека ќе се разболи, да не се причестува, а тие што сакаат да се причестат, тоа да го сторат, повика тој.

– За велигденските богослужби најголем дел од граѓаните ќе присуствуваат надвор. Потоа најголем дел од луѓето ги напуштаат црквите и манастирите штом ќе се каже „Христос воскресе“. Останува еден многу мал број што ја следат ноќната служба до крај. Има можност тие луѓе да црквуваат на соодветно растојание меѓу себе. Никогаш не сме кажале дека нема да причестуваме од една лажичка, туку оној што се сомнева или има резерва, нека не пристапува. Јас, лично, немам сомневање. Ако имало такво нешто, нашите свештеници и ѓакони што ја употребуваат причестата по стотина луѓе што се причестиле со една лажичка, сите требаше да бидат, не дај Боже, починати или заразени – изјави Тимотеј за ТВ24.

Тој ги повикува верниците да се придржуваат кон мерките. Ќе има луѓе на влезовите во дворовите од црквите, кои ќе потсетуваат на мерките.