Можен изглед на Владината структура после коалицискиот договор меѓу СДСМ и ДУИ


Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓


Во очекување органите и телата на СДСМ и на ДУИ денеска да го потврдат политичкиот договор меѓу лидерите Зоран Заев и Али Ахмети за заедничко владеење во следниот четиригодишен мандат, во јавноста протекуваат информации за структурата на новата влада и за дел од можните кадровски решенија, пренесува 360 Степени.

Според договорот, покрај претседателското место во Собранието за Талат Џафери, ДУИ ќе добие и позиција на „прв заменик-претседател на Владата“, кој во исто време ќе раководи и со Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците. За таа функција, според информациите на „360 степени“, конкурира Артан Груби, близок соработник на Али Ахмети, кој во името на ДУИ ги водеше преговорите за коалиција со СДСМ.

Со ресорот финансии, кој е дел од владиниот „плен“ на ДУИ, би требало да шефува Фатмир Бесими. Тој во минатото извршуваше повеќе функции, меѓу кои, вицепремиер за европски прашања, министер за економија, министер за одбрана, а беше и вицегувернер на Народната банка.

Од сродните ресори, ДУИ ќе раководи и со Министерството за економија што веќе е традиција. Таму, најверојатно, ќе остане досегашниот министер Крешник Бектеши. Иста е судбината и за животна средина и просторно планирање, каде ќе продолжи да шефува ДУИ и тоа, најверојатно, повторно преку досегашниот министер Насер Нуредини.

По ротацијата на МНР и СЕП, најавите се дека нов шеф на дипломатија ќе биде Бујар Османи, кој во претходната влада беше вицепремиер за европски прашања.

Единствена жена од министерскиот список на ДУИ, според нашите информации, е Ширет Елези, која би раководела со Министерството за информатичко општество и администрација. Таа досега беше заменик-министерка за финансии.

Во СДСМ значаен дел од кадровските решенија за новата влада се уште се договараат во пресрет на вечерашните состаноци на Извршниот и на Централниот одбор. Оливер Спасовски, Радмила Шекеринска и Венко Филипче, најверојатно, ќе ги водат истите ресори како и во првата влада на Зоран Заев – внатрешни работи, одбрана и здравство.

Во ваква композиција на идната влада, нов шеф на Секретаријатот за европски прашања и вицепремиер, би бил Никола Димитров. Од таа позиција тој би бил и главен политички преговарач во процесот на пристапување на Северна Македонија кон Европската Унија.

Според информациите на „360 степени“, засега е неизвесно дали Мила Царовска повторно ќе биде министерка за труд и социјална политика или ќе оди на друга министерска позиција.

СДСМ треба да предложи и вицепремиер за економски прашања, функција на која е можно да дојде Фатмир Битиќи, претседател на партиската комисија за финансии.

Отворено е прашањето кој ќе раководи со ресорите транспорт и врски, правда, образование и наука, култура и локална самоуправа.

Коалицискиот партнер на СДСМ, БЕСА, добива министер за земјоделство, каде за шеф се споменува Аријанит Хоџа, генерален секретар на партијата.