Можен доказ за знаци на живот откриен на планета 120 светлосни години далеку од Земјата


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Вселенскиот телескоп Џејмс Веб на НАСА можно е да детектираше доказ за знак на живот на далечна планета, пренесе Би-би-си. Телескопот потенцијално открил молекула наречена диметил сулфид (ДМС), која, барем на Земјата, ја произведуваат живи организми.

Истражувачите нагласуваат дека сè уште немаат цврсти докази дека навистина се работи за детекција на ДМС на планета оддалечена 120 светлосни години и дека се потребни повеќе податоци за да се потврди нејзиното присуство. Истражувачите откриле и метан и ЦО2 во атмосферата на планетата, што би можело да значи дека планетата, наречена К2-18б, има воден океан.

Професорот Нику Мадхусудан од Универзитетот во Кембриџ, кој го водел истражувањето, за Би-би-си изјавил дека целиот негов тим бил „шокиран“ кога ги видел резултатите. „На Земјата ДМС ја произведува само животот. Поголем дел од неа во атмосферата на Земјата се испушта од фитопланктонот во морската средина“, рече тој.

Мадхусудан додал дека откривањето на ДМС засега е сè уште провизорно и дека ќе бидат потребни повеќе податоци за да се потврди нејзиното присуство. Тие резултати се очекуваат за една година. „Доколку се потврди, тоа би било огромна работа и чувствувам одговорност, ако изнесуваме толку големо тврдење, да изнесам правилни резултати“, вели тој.

Ова е првпат астрономите да детектираат можно присуство на ДМС на планета што орбитира околу далечна ѕвезда. Но на резултатите им се пристапува со претпазливост, истакнувајќи дека тврдењето од 2020 година за присуството на друга молекула, наречена фосфин, која би можела да ја произведуваат живите организми во облаците на Венера, една година подоцна беше оспорено.

И покрај ова, д-р Роберт Маси, кој е независен истражувач и заменик-директор на Кралското астрономско друштво во Лондон, вели дека е возбуден од резултатите. „Полека се движиме кон точката каде што ќе можеме да одговориме на големото прашање дали сме сами во универзумот“, рече тој.

„Оптимист сум дека еден ден ќе најдеме знаци на живот. Можеби тоа ќе биде ова, можеби за 10 или дури за 50 години ќе имаме докази што се толку убедливи што ќе ги прифатиме како најдобро објаснување“, додава тој.

Телескопот Џејмс Веб може да ја анализира светлината што минува низ атмосферата на далечна планета. Таа светлина го содржи хемискиот потпис на молекулите во нејзината атмосфера. Деталите потоа може да се дешифрираат со поделба на светлината на нејзините составни фреквенции, како призмата што создава спектар на виножито. Доколку недостасуваат делови од добиениот спектар, тоа значи дека тој бил апсорбиран од хемикалии во атмосферата на планетата, што им овозможува на истражувачите да го истражат неговиот состав.

Ова откритие е уште пофасцинантно затоа што планетата е оддалечена повеќе од 1,1 милион милијарди километри, па количеството светлина што допира до вселенскиот телескоп е мала. Како и ДМС, спектралната анализа со голем степен на сигурност открила изобилство од гасовите метан и јаглерод диоксид.

Односите на ЦО2 и метанот одговараат на постоење на воден океан под атмосфера богата со водород. Вселенскиот телескоп Хабл на НАСА претходно веќе откри присуство на водена пареа, поради што планетата наречена К2-18б беше една од првите што ја истражи многу помоќниот Џемс Веб, но можноста за постоење на океан е голем чекор напред.

Способноста на планетата да поддржува живот зависи од нејзината температура, присуството на јаглерод и веројатно течна вода. Набљудувањата на Џемс Веб сугерираат дека К2-18б ги исполнува сите овие услови. Но само затоа што планетата има потенцијал за одржување живот, тоа не значи дека тој навистина се развил таму.

Она што ја прави планетата уште поинтригантна е тоа што таа не е како Земјата, од таканаречените карпести планети, откриени во орбити околу далечни ѕвезди што се кандидати за откривање живот. К2-18б е речиси девет пати поголема од Земјата.

Егзопланетите, кои се планети што орбитираат околу други ѕвезди со големина меѓу Земјата и Нептун, се разликуваат од сѐ друго во нашиот Сончев систем. Тие се слабо познати, како и природата на нивната атмосфера, објасни д-р Субхајит Саркар од Универзитетот во Кардиф, уште еден член на истражувачкиот тим.

„Иако овој тип планети не постојат во нашиот Сончев систем, таканаречените суб-Нептуни се најчестиот тип планета досега позната во галаксијата. Добивме досега најдетален спектар на суб-Нептун во населивата зона, што ни овозможи да ги одредиме молекулите што постојат во неговата атмосфера“, вели тој.