Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Страсната седмица, последната недела пред Велигден – Пасха, е посветена на последните настани од Христовиот живот на земјата.
Во неа Светата Црква постепено и богомудро, низ призмата на љубовта воочлива во богослуженијата, ни ги разјаснува овие настани, подготвувајќи нѐ да чекориме по патот на Страдањата Христови, од Витанија до Голгота, од Голгота до погребението, до празниот гроб, од царскиот пречек приреден за Христа во Ерусалим, сѐ до мигот на Неговото Воскресение.
Преку светите богослужби, Црквата потполно нѐ пренесува во овие спасоносни настани, нѐ приближува до Христа, нѐ поттикнува духовно да размислуваме за Распетието и Воскресението Христово. Присуствувајќи на нив, верните пред своите очи гледаат како се извршуваат собитијата од последните денови на Христовиот живот и мислено ги набљудуваат и литургиски учествуваат во страданијата Христови, упатувајќи ги своите мисли и срца да се соживеат и сораспнат со Него. Црквата нѐ повикува да го скрушиме духот, и да размислуваме не само за Христовите Страданија, туку и за нашите слабости и гревови кои Го натераа Бога да пострада.
Затоа воопшто не прилега за време на Страсната и Велика седмица, особено во деновите Велик Петок и Велика Сабота и трите дена на Воскресението, да се изведуваат настани кои ги спречуваат верните да учествуваат во тоа литургиско доживување на спасоносните Христови Страдања и Неговото светло Воскресение.
Следствено, би сакале да испратиме апел овие дена да не се организираат никакви натпревари, забави, митинзи, туристички и шопинг патувања и сл. Потоа, пожелно е и работодавците во овие величествени денови (барем од Велик Петок, кој е и државен празник, до третиот ден на прославувањето на Воскресението) да ги ослободуваат своите вработени, за истите да можат да присуствуваат на богослужбите и да Му ги посветат своите мисли и дела на Бога. Ако не сакаат да Го следат Христа за време на овие последни собитија, тогаш нека покажат барем почит кон делото што Он го извршил и тоа ќе им донесе благослов Божји.
Исто така, ги повикуваме и сите трговци и сопственици на маркети ако не ги намалуваат, барем да не ги поскапуваат цените на производите, за да можат и посиромашните да си ги дозволат потребните услови за достојно и радосно празнување на Празникот над празниците.
Трендот на поскапување на цените во пресрет на Велигден го наследивме од претходниот атеистички општествен систем, кога верата била ставена на маргините од општеството. Нашите предци, пак, во минатото секогаш се грижеле за сиромашните, особено за овие големи празници, и затоа го имале Божјиот благослов.
Бигорски манастир „Свети Јован Крстител”