Спорт

Монако е лекот за Англичаните во Лига на шампиони – еве како ги ништеа низ годините

Европа се тресе пред стравичната фудбалска војска на Леонард Жардим. Младата, но исклучително моќна ескадрила од Монако го испрати Манчестер Сити на маргините на европскиот фудбал и покажа фантастична форма со која жарат и ги палат срцата на сите искрени љубители на фудбалот.

Четвртфиналето им е резервирано, а Монако уште еднаш покажа дека е своевиден пеницилин за англиските клубови кога ќе се сретнат во нокаут фазата од Лигата на шампионите. Неверојатен и по малку запрепастувачки податок е дека Монако никогаш досега не загубиле двомеч во втората фаза од елитното фудбалско натпреварување, кога за противник имаат тим од Премиер лигата. А она што е дополнителна импресија е фактот дека во три од четирите наврати Кнезовите минуваа преку правилото „гол на гости“.

Досегашниот учиниок од три успешни пласмани во нардната фаза дополнително го подобри и елиминацијата на Манчестер Сити, со што Монако му ги расипа сите планови на Пеп Гвардиола. Шпанецот за прв пат во кариерата е елиминиран пред полуфиналето во Лигата на шампионите, а исто така, никогаш досега не му се случило да не се пласира со својот тим во четвртфинале. Сити стана првиот клуб во историјата на Лигата на шампионите кој испадна во двомечот, иако во првиот дуел постигна пет гола.

Историјата на успешни изданија на Монако во нокаут фазата против англиските клубови се протега до веќе не така блиската 1998 година и дуелот со Манчестер Јунајтед во четвртфиналето во ЛШ. На една страна беа Петер Шмајхел, Гери Невил, Дејвид Бекам, Ники Бат, Енди Кол, Пол Сколс, а од другата Фабијан Бартез, Тиери Анри, Давид Трезеге, Вили Сањол, Виктор Икпеба. Монако тој двомеч го доби со вкупен резултат со 1:1 од дуелот на Олд Трафорд, со претходни 0:0 на Луј II. Стрелец на вредниот за пласман понатаму гол беше Трезеге.

Следна жртва на Монако беше Челзи, во полуфиналето во сезоната 2003/04, позната по чудесното финале во кое играа Монако и Порто, во кое португалските змејови беа предводени од Жозе Мурињо и се крунисаа со европската шампионска фудбалска круна.

Сите се сеќаваат на тој Монако, предводен од Дидие Дешамп, а со напаѓачки арсенал од Дадо Пршо, Фернандо Мориентес и Шабан Нонда. На другата страна Сините беа водени од Клаудио Раниери, во првата европска сезона под водство на газда Роман Абрамович. Резултатот од Франција беше 3:1, за на Стемфорд Бриџ да заврши со 2:2.

Најсвеж пример за исфрлање на еден англиски тим од нокаут фазата на ЛШ од страна на Монако е оној на Арсенал од сезоната 2014/15. Кнезовите тогаш водени од Димитри Бербатов славеа на Емирати со 3:1, за Арсенал потоа да возврати со 2:0. Тогаш, исто како и сега, францускиот тим се пласираше во понатамошната фаза благодарение на гол на гости.

Оваа сезона Монако во два наврати, во групната фаза, го толчеше Тотенхем и тоа со идентичен резултат од 2:1. Сето ова е доволна причина за Лестер да „полне гаќи“ да не му се падне Монако, оти статистиката е на страна на Французите.

Advertisements
To Top