Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓
Откако вчера тетовскиот Кризен штаб со кој раководи градоначалничката Теута Арифи и официјално побара во општината од 1 септгември да започне без физичко присуство, а со онлајн настава поради големиот број на заразени лица со ковид-19, Комисијата за заразни болести треба да ја извести Владата за својот став. Министерката за образование Мила Царовска изјави дека Комисијата имала состанок утрово. Арифи вчера најави и дека ќе се бара од вработените во образованието кои не сакаат да се вакцинираат на секои 72 часа да прават ПЦР – тест.
„Во координација сме со градоначалничката на Општина Тетово и ние и Министерството за здравство. Утрово се одржа состанок на Комисијата за заразни болести и веднаш штом добиеме инструкција од страна на Комисијата, понатаму ќе продолжиме во разговорите со Општина Тетово и секако дека сите одлуки мора да поминат и на Главниот координативен штаб на Владата и на владина седница“, изјави Царовска.
Тетовската градоначалничка Теута Арифи вчера одржа прес-конференција на која соопшти дека кризниот штаб и Општината бараат првите три недели од септември наставата да се одвива онлајн, а потоа, доколку состојбите со заразната болест бидат поволни, наставата да продолжи со физичко присуство на учениците.
Арифи барањето го испрати до Кризниот штаб на Владата, Министерството за образование и Комисијата за заразни болести.
„Ние како штаб за Тетово ќе вршиме контрола дали вработените во образованието имаат примено барем една доза вакцина. Тие што не сакаат да се вакцинираат ќе бидат обврзани на секои 72 часа да прават ПЦР тест. Ако можат луѓето да прават чести ПЦР тестови заради туристички патувања во странство, ќе може да се тестираат и за работа“, рече Арифи.
Деновиве и градоначалникот на Гостивар Арбен Таравари изјави дека Владата треба да донесе став наставата годинава да започне во октомври бидејќи септември ќе биде критичен месец од аспект на ширење на коронавирусот.