МОН: Инспекторатот ќе испитува дали Бадникарските поворки биле организирани преку училиштата


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Во врска со случувањата на 06 јануари, кога групи деца учествуваа во Бадникарските поворки во повеќе градови, Министерството за образование и наука известува дека станува збор за период кога учениците се на зимски распуст, кога нивните родители, односно старатели го организираат користењето на слободното време и активностите на нивните деца.

Заради расчистување на било какво сомневање околу прекршување на законските одредби од областа на образованието, Министерството за образование и наука во текот на утрешниот ден ќе побара од Државниот просветен инспекорат да ги испита сите индиции за евентуално верско организирање и дејствување во училиштата, јавува Макфакс.

„Воедно напоменуваме и дека вршење на инспекциски надзор од страна на Државниот просветен инспекторат беше невозможно во изминативе неколку денови, со оглед на тоа што покрај учениците кои се на зимски распуст и вработените во училиштата се ослободени од активности до 09.01.2018 година“, велат од МОН.

Од таму информираат дека од Министерството за образование и наука не била побарана, ниту Министерството дало согласност за превземање на било какви активности во училиштата за подготовка или организирање на учениците за учество во овие манфестации, во текот на првото полугодие од оваа учебна година.

„Во оваа прилика укажуваме дека на граѓаните на Република Македонија им се гаранитира правото на здружување и слободата на вероисповеста, односно слободно и јавно, поединечно или во заедница со други, изразување на верата, но во Законот за основното образование во членот 11 е наведено дека „во основното училиште се забранува политичко и верско организирање и дејствување“. Воедно, наставниците во спроведувањето на наставата по сите задолжителни или изборни предмети, се должни да ја следат програмата која е утврдена од страна на Министерството“, велат од МОН.

Детската амбасада „Меѓаши“ реагираше на вклучувањето на децата во верските ритуали и ваквите чекори ги оценува како популистичко додворување.

„Ова го доживуваме како една своевидна популистичка манипулација, односно додворување преку традицијата и верските обичаи. Дури и да се работи за самоиницијативност на децата, општините и градоначалниците би требало да укажуваат на секуларноста и да инсистираат на тој став, секако почитувајќи ги сите верски права, празници и традиции“, влеат од детската амбасада.

Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, рече дека не гледа злоупотреба на децата ниту, пак, нарушување на секуларноста бидејќи локалните власти само излегле во пресрет на граѓанската иницијатива и помогнале да се обезбеди превоз.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, рече дека децата со учеството на Бадникарската поворка, ја искажуваат својата определба и верувањето во бога од најмали години.

„Мислам дека таквите деца можат само да се изградат во правилна личност која ќе ги почитува сите“, рече Мицкоски.