Моментално тој е најмоќниот и највлијателен „лекар“ на светот


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Доедка многумина милијардери своите страсти и амбиции ги задоволуваат со приватен остров и слични други лични луксузи и сопствености, Бил Гејтс има своја здравствена агенција во Женева, пишува Нова Македонија.

Во изминатата деценија, најбогатиот човек во светот стана втор најголем донатор на Светската здравствена организација (СЗО) и според финансиите е веднаш зад САД, а само малку над Британија. Овие потези му даваат огромно влијание врз активностите на организацијата, а тоа може да се зголеми ако САД и Британија го намалат или укинат финансирањето, како што се закануваат. Според критичарите, ова доведе приоритетите на Гејтс да станат приоритети на СЗО.

Наместо да се фокусира на јакнење на здравствените системи во сиромашните држави, агенцијата троши непропорционални суми на финансирање проекти по мера на Гејтс, како што е проектот за искоренување на детската парализа.

Пред една деценија, кога Гејтс почна да донира пари за искоренување на маларијата, врвни функционери, меѓу кои и шефот на програмата за маларија на СЗО, изразија загриженост дека организацијата ги менува истражувачките приоритети. Милијардерот беше првото приватно лице што се обратило на Генералното собрание на СЗО. Малкумина се осмелуваат јавно да го критикуваат, а повеќето интервјуирани побараа да останат анонимни.

– Го гледаат како шеф на држава, и тоа не само во СЗО туку и во Г20 – вели претставник на невладина организација од Женева, посочувајќи оти Гејтс е еден од највлијателните луѓе во светското здравство.

Сепак, неговото влијание ги загрижува невладините организации и академиците. Некои здравствени поборници стравуваат дека поради тоа што парите на фондацијата на Гејтс потекнуваат од инвестиции во големи бизниси, тие ќе послужат како тројански коњ за корпоративните интереси да ја нарушат улогата на СЗО во воведувањето стандарди и креирањето на здравствените политики. Други стравуваат дека агенцијата на ОН премногу се потпира на неговите пари и дека тој еден ден може да се премисли и да ги релоцира средствата.

Гејтс и неговата фондација се запознаени со критиките, но се убедени дека позитивно влијаат со нивните инвестиции.
Фондацијата на Гејтс вложи над 2,4 милијарди долари во СЗО од 2000 година, додека земјите не сакаа да го зголемат својот удел, особено по финансиската криза од 2008 година. Обврските на членките сега изнесуваат помалку од една четвртина од двегодишниот буџет на СЗО од 4,5 милијарди долари. Преостанатиот дел се донации на владите, Гејтс, други фондации и компании. Бидејќи овие средства обично се наменети за посебни проекти или болести, агенцијата не може на своја рака да одлучи како да ги користи. Искоренувањето на детската парализа е досега најфинансираната програма во СЗО, со инвестиции од најмалку шест милијарди долари во периодот 2013-2019 година, од кои фондацијата на Гејтс вложи околу 60 отсто.

Некои невладини организации се загрижени дека агенцијата на ОН се претвора во индустрија. Триесет групи за здравствен интерес испратија отворено писмо до извршниот одбор на СЗО, противејќи се на одлуката фондацијата на Гејтс да стане официјален партнер, затоа што нејзините приходи потекнуваат од инвестиции во компании што се косат со целите во јавното здравство. Од фондацијата изјавија дека функционираат како посебен ентитет благодарение на „строгите политики“ и дека остануваат независни од инвестициите што строго ги исклучуваат индустриите на тутун, алкохол и на оружје.

Загриженост за зголемената улога на приватни пари ги натера членките да се согласат на нова политика на управување и вклученост на ентитети како приватни фондации, фирми и невладини организации. Покрај критиките, одборот на СЗО ѝ даде посебен статус на „официјални односи“ на фондацијата на Гејтс. Во практиката, ова не го менува односот што го има агенцијата со фондацијата. Органот на ОН исто така претходно го смени начинот на изгласување на буџетот, при што им се даде предност на земјите. Тоа значи дека Гејтс може да вложи пари во проекти само ако добие поддршка од 194 членки.

Влијанието на Гејтс повторно беше доведено во прашање кога се избираше нов шеф на СЗО. Еден француски дипломат посочи дека Гејтс го поддржувал актуелниот шеф Тедрос Гебрејсус, бидејќи финансирал здравствени програми во Етиопија како министер за здравство на оваа земја. Од фондацијата ги негираат тврдењата, велејќи дека таа не може да заземе став, затоа што нема право на глас како земјите и мора да биде неутрална.
– Немаат лоши намери. Тие се само големи играчи, кои веднаш имаат пари на располагање и можат да направат промени – вели еден дипломат од Женева.