„Моја дунда, моја работа“, „Работа си е работа“: Деветти Марш на црвените чадори


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Сексуални работници, стриптизери и стриптизети, хотлајн операторки, ескорт девојки и момци, активисти за човекови права и нивни поддржувачи со црвени чадори во рака, маршираа денеска од улица Македонија до плоштадот Филип Втори, по повод 17-ти декември Меѓународниот ден за стоп на насилството врз сексуалните работници.

„Моја дунда, моја работа“, „Работа си е работа“, беа некои од пораките испратени денеска од маршот.

Мотото на маршот беше „Слободниот избор е право, а не привилегија“.

– Државата се уште нема изграден јасен нормативен систем, односно прецизирани мерки во однос на санкционирање на насилства извршени врз сексуалните работници. Според тоа, Македонија е земја во ситуација во која што проблемот со сексуалната работа се решава од страна на институциите како проблем поврзан со криминални активности, како и од центрите за социјална работа кои се занимаваат со општествени прашања третирајќи ја доброволната сексуална работа и сексуалните работници како жртви на трговија со луѓе – вели Борче Божинов од Граѓанската иницијатива за заштита и унапредување на правата на сексуалните работници СТАР СТАР.

Сексуалните работници секојдневно се соочуваат со закани и што многу пати се спречени да го пријават во надлежните институции насилството кое го трпат тие и нивните најблиски.

– Да го кренеме гласот против оние кои спороведуваат двојни стандарди осудувајќи го нашиот начин на избор, а истовремено уживајќи во нашите услуги, престанете вашите морални вредности да ги вреднувате врз вашите одлуки. Моите морални вредности ми велат да заработам за моето семејство – вели една сексуална работничка.

Маршот на црвениот чадор го организира Граѓанската иницијатива за застапување и унапредување на правата на сексуалните работници СТАР-СТАР од Скопје, во знак на солидарност и приклучување кон Глобалното одбележување на Меѓународниот ден за СТОП на насилството врз сексуалните работници.