Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Мобилен рендген апарат во вредност од 55.000 евра ќе добие Клиничка болница-Штип. Амбасадорот на Јапонија, Савада Хиронори, директорот на Клиничка болница-Штип, Ален Ѓеорѓијев и градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов денеска го потпишаа Меморандумот за донацијата на овој апарат, кој е потребен за брза и прецизна дијагностика за пациентите од целиот источен регион.
Јапонскиот амбасадор, Хиронори истакна дека ова е шеста донација од страна на Амбасадата, односно јапонскиот народ за Општина Штип, а втора за болницата, која е од регионален карактер и се лекуваат пациентите од Брегалничкиот регион, но и од југоисточна Македонија.
-Болницата добива нов целосно функционален рендген апарат, за да може да се обезбеди брза и прецизна дијагноза, без да се преместуваат повредените пациенти на одделенијата. Исто така апаратот може да се користи и за време на операции, вели Хиронори.
Директорот на Клиничка болница-Штип, Ѓеорѓијев истакна дека ова е втора голема донација од Јапонија. Претходно на болницата и беа донирани две амбулантни возила, кои во време на пандемија се покажаа како исклучително корисни за брзи интервенции и транспорт на пациенти, а новиот мобилен рендген апарат ќе значи и побрза и подобра дијагностика за пациентите. Апаратот кога ќе се добие ќе се користи најпрвин на Инфективното одделение, а по завршувањето на овој четврти бран, како што вели Ѓеорѓијев ќе го користат и останатите одделенија, особено за шок соба, потоа за ортопедија, хирургија и останатите одделенија.
-Доколку и понатаму трае оваа корона криза ќе го користиме за детекција на пациенти со КОРОНА, а кога ќе заврши овој бран ќе може да го користиме секаде каде што имаме неподвижни пациенти и критични пациенти. Дали станува збор за шок соба, Одделот за анестезија, во операциона сала во Ортопедија, Хирургија, вели Ѓеорѓијев.
Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов се заблагодари на јапонската Амбасада за долгогодишната соработка, а дека двете држави одлично комуницираат доказ се веќе реализираните проекти, пред сѐ проектот ХС „Злетовица”.
Јапонскиот амбасадор Хиронори најави и нова програмска линија на која Штип ќе аплицира со повеќе проекти, а пред сѐ со проекти од комуналната дејност. Јапонија заклучно со оваа година за проекти во државата има обезбедено над осум милиони евра. Станува збор за голем број на проекти од сите сфери на живеење.