Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Грчките власти немаат евидентирано македонски државјани кои се повредени, исчезнати или се во опасност поради поплавите што вчера го зафатија вториот крак на грчкиот полуостров Халкидик, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Интензивните врнежи што вчера ја погодија северна Грција, особено вториот крак (Ситонија), предизвикаа поплавување и неможност за движење на патиштата, пред сè на патот Лариса Кожани, како и поголеми проблеми во туристичките места на вториот крак (Торони, Порто Куфо и Тристиника), каде што беа поплавени паркирани возила и заглавени туристи во близина на плажата Торони.
Од МНР информираат дека по добиените информации за заглавени туристи, Канцеларијата за конзуларни, економски и трговски работи на Република Македонија во Солун веднаш стапила во контакт со грчката пожарникарска служба и туристичката полиција, од каде што било потврдено дека се работи за група српски туристи кои ги евакуираат.
Во текот на вчерашниот ден Министерството за надворешни работи, во координација со Канцеларијата за конзуларни, економски и трговски работи во Солун, отвори дежурни телефонски линии кои се сè уште достапни за потребите на македонските државјани за помош и информација.
Од МНР велат дека на дежурната телефонска линија досега се јавиле десет лица, а во МНР се јавија три лица главно родители кои бараа известување за состојбата на своите деца и роднини кои се на летување во Грција. Се јавиле и граѓани што барале совет за паркирани и поплавени патнички возила.
Исто така, била побарана информација за состојбата на македонски државјани во кампот „Каламици“, по што вчера вечерта и денес била контактирана управата на кампот и било потврдено дека ниту еден човечки живот не е загрозен. Во моментот во кампот има електрично напојување, се прават напори да се добие и топла вода, а патот е прооден.
Министерството за надворешни работи наведува дека и понатаму ги следи состојбите во Грција преку Канцеларијата во Солун, кои се во постојана комуникација со надлежните грчки власти.
Од МНР информираат дека во моментот се прават напори да се санираат штетите и да се испумпа водата во Торони и Порто Куфо како места кои беа најсилно погодени од невремето.
Сите граѓани на кои им е потребна помош или какви било информации може да се јават во Канцеларија за конзуларни, економски и трговски работи во Солун, дежурен контакт телефон 00306987200410.