ММФ тврди: Светската економска криза од 2008 година конечно заврши


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Процесот на обновување на светската економија по кризата во 2008 година ја надмина критичната точка, изјави генералната директорка на Меѓународниот монетарен фонд, Кристин Лагард, по состанокот на министрите за финансии и шефовите на централните банки на земјите од групата Г-20, кој неодамна се одржа во Баден Баден.

Одржавме состанок во момент кога економскиот пораст во целиот свет забрзува и постојат знаци дека светската економија се регенерира иако тоа не е дефинитивно, соопшти Лагард. Претходно ММФ соопшти дека руската економија заздравува по двата шока.

Истовремено, Блумберг, една од најреномираните агенции, деновиве излезе со анализа во која изрази очекувања за повеќе добри отколку лоши вести кога е во прашање глобалниот економски пораст, кој ќе го предводат неколку најголеми економии, Латинска Америка, стопанскиот пораст во САД и понатамошното економско јакнење на Индија и Кина.

Според најновата анализа на Блумберг, постои консензус дека во 2017 година ќе има подобрување на економијата во однос на претходната година кај 62 земји од светот, додека кај 33 се очекува влошување на состојбата. На врвот на листата се Аргентина и Бразил, за кои се предвидува дека ќе доживеат пресврт и, наместо досегашниот негативен, ќе остварат позитивен економски пораст.

Иако на првото место би требало да се најде и Венецуела, со оглед на тоа што за оваа земја се предвидува економски пораст од 7,5 отсто во 2017 година, водечката позиција ѝ избега, бидејќи таа сѐ уште се соочува со длабока економска криза, придружена со висока инфлација и недостиг од храна и други основни продукти. На местото на Венецуела на лидерската позиција е Аргентина, чија економија лани беше во минус од 2,1 отсто, а се проценува дека годинава ќе достигне пораст од 3 отсто, што на меѓугодишно ниво (декември 2016 до декември 2017) ќе значи скок од 5,1 процентни поени.

На второто место е Бразил, земја што заздравува од најтешката рецесија во изминативе сто години. Бразил претрпи голема штета од корупцискиот скандал поради кој оставка беше побарана од претседателката Дилма Русеф. Сега, на Бразил во прилог му оди порастот на цените на суровините што актуелниот претседател Мишел Темер се обидува да ги искористи за да ја зајакне државната каса и да поддржи активност на приватниот сектор.

Бразил минатата година имаше негативен пораст од 3,6 отсто, а се прогнозира дека во 2017 година ќе излезе од рецесија со зголемување на БДП од 0,8 отсто. На меѓугодишно ниво тоа е зголемување на економскиот пораст од 4,4 процентни поени. Трета земја со најголема промена на порастот за една година од 1,4 отсто, според „Блумберг“, ќе биде Русија. Порастот во оваа земја се очекува благодарение на зголемувањето на цената на нафтата над 13-годишниот минимум забележан во јануари 2016 година. Се предвидува дека Москва оваа година ќе доживее економска експанзија до 1,1 отсто споредено со минатогодишниот негативен економски пораст од 0,3 отсто.

Некои земји меѓутоа немаат многу причини за славење. Се проценува пад на стопанскиот пораст на Исланд на 4 отсто во 2017 година од минатогодишните 7,1 отсто. Потоа, Романија, која деновиве е склона на протести, Шпанија, која е погодена од висока стапка на невработеност, и Мексико, кое е честа цел на напади на американскиот претседател Доналд Трамп. Во САД се очекува респектабилен пораст од 2,3 отсто годинава, додека на џиновите меѓу пазарите во развој, какви што се Кина и Индија, остатокот на светот може да им завидува на очекуваниот пораст на БДП од 6,5 отсто.

Најголемите европски економии во меѓувреме треба да се подготват за ублажување на порастот, кој веќе го загуби сјајот, вклучувајќи ја и Велика Британија, која треба да почне преговори за брегзит. Интересно е што најголем економски пораст од 1,3 на Стариот континент се прогнозира за Франција, чии избори ќе останат запаметени како настан од најголемо значење за ЕУ и еврозоната, наведува Блумберг.