Младен Чадиковски изгласан за нов претседател на ЗНМ


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Со 86 гласа „за“ од присутните 175 од вкупно 555 члена на Здружението на новинари на Македонија, Младен Чадиковски беше избран за претседател на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ).

Неговиот противкандидат во трката за прв човек на ЗНМ Стојанче Наумов доби 77 гласови. Досега функцијата претседател на ЗНМ во два мандата ја вршеше Насер Селмани.

Чадиковски по прогласувањето на резултатите од гласањето порача дека во текот на неговиот мандат нема да прави компромис кога станува збор за слободата на говорот и професионализација на медиумите.

-Останувам на постулатите кои ги кажав на почетокот дека нема компромиси во однос на слободата на говорот и професионализација на медиумите и новинарството во Македонија. За тоа ќе се залагаме во следните четири години за да можеме да кажеме дека сме постигнале повеќе од она што досега е постигнато, рече тој.

На денешното Изборно собрание на ЗНМ беа избрани и новите членови на Управниот одбор, Надзорниот одбор и на Судот на честа.

-Во Македонија во мода е помирувањето како еден термин кој беше промовиран и тој не смее да остане само на збор. Во таа насока сакам искрено и од срце да кажам дека ќе бидам претседател на сите членови на ЗНМ, без разлика од кои медиуми и редакции, телевизии доаѓаат, без разлика од каде јас доаѓам. Заеднички интерес ни е новинарската професија, а интересите на сопствениците и останатите политички фигури не треба воопшто да не вознемируваат, ниту пак со нив да се занимаваме. Јавниот итерес ќе остане пред се и над се, порача Чадиковски, презентирајќи ја својата програма пред учесниците на Собранието пред гласањето.

Истакна дека лажните вести, дезинформациите, црната пропаганда се мошне чести појави кои треба да се искоренат од новинарската професија и даде коментар на обвинувањата, кои дојдоа на негова сметка дека како уредник во 24 Вести дозволил да се отпушти од работа бремена новинарка.

-Во овој момент ние на себе сме си најголеми непријатели и тоа мора да се промени. Кога денес мене ме обвинуваа од страна на Канал 5 не можам да не кажам дека постојат различни причини зошто некој останува без работа. Само јас два пати останав без работа. Потенцирам дека за конкретниот случај за кој бев обвинет дека станува збор за процес кој е надвор од моите ингеренции и како новинар и како уредник, рече тој и нагласи дека никој со предумисла не би оставил без работа жена која е бремена.