Home Актуелно Мицотакис јасен победник на вториот круг од изборите во Грција

Мицотакис јасен победник на вториот круг од изборите во Грција

По вториот круг од парламентарните избори во Грција досегашниот конзервативен премиер Кирјакос Мицотакис се наоѓа пред втор четиригодишен мандат. Иако неговата партија Нова демократија, според резултатите од неделата вечерта, освои 40,5 проценти, според новиот изборен систем ќе добие 158 од 300 места во парламентот со што ќе може да формира Влада.

На второ место е левичарската Сириза на поранешниот премиер Алексис Ципрас со разлика од победникот од преку 20 проценти. На изборите кои беа одржани на крајот на мај, Конзервативната партија излезе како јасен победник, но го одби доделениотмандат за формирање коалициска влада,па оттогаш во Грција владее преодна влада.

„Јас лично чувствувам уште посилна обврска да и` служам на својата земја со сите мои способности“, изјави синоќа Мицотакис пред насобраните славенички расположени симпатизери пред централата на Нова демократија во Атина. 55-годишниот Мицотакис најави натамошно спроведување реформи во земјата, а меѓу главните приоритети ќе му бидат зголемување на приходите од туристичката индустрија, создавање нови работни места и подигање на нивото на платите во правец на просекот во Европската унија.

„Очигледно, ова е тежок пораз“,изјави пак поранешниот министер за финансии на Сириза, Еуклид Цакалотос за ТВ Скај.

Неочекуван успех забележа Партијата на Спартанците, која се декларираше против доселувањето и мигрантите, со освоените 4,7 проценти од гласовите, таа ќе добие 13 седишта во грчкиот парламент.

Победата на конзервативците на изборите одржани во мај имаше позитивно ехо кај инвеститорите, кои очекуваат продолжување на досегашната буџетска дисциплина, па грчката берза регистрираше нагорен тренд.

Вчитај повеќе поврзани статии
Comments are closed.

Check Also

Онлајн игри кои ќе сакате да ги играте повторно

Во последните десет години, играњето онлајн игри прерасна од обична забава во културен фен…