Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓
Првиот човек на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, синоќа изјави дека на 30 септември ќе се знае дали ќе излезе или нема да излезе на референдумот. Во интервју на 24 Вести рече дека ставот и апелот на ВМРО-ДПМНЕ нивните членови да постапат по сопствено убедување на претстојниот референдум не е повик за тивок бојкот на истиот.
На премиерот Зоран Заев, како што рече, треба најпрво да му биде дозволено да излезе на ТВ дуел па дури тогаш тој би дознал што мисли за бојкотот, пренесува Нова ТВ.
– Премиерот има шанса да дознае само треба да се одважи да дојде и на крајот на дуелот ќе го дознае ставот на Христијан Мицкоски. Дали Христијан Мицкоски ќе излезе или нема да излезе не е важно затоа што ВМРО-ДПМНЕ донесе одлука. 455 илјади граѓани го слушнаа ставот на ВМРО-ДПМНЕ, рече Мицкоски.
Според него, ставот се донел во рамки на партиските тела по состаноците на пратеничката група, на Извршниот и Централниот комитет и бил соопштен притоа посочувајќи на сите штетни последици, како што рече Мицкоски, капитуланскиот договор кој премиерот Зоран Заев го потпишал со јужниот сосед.
-Ова е надпартиско прашање за кое граѓаните треба да одлучат, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ додавајќи дека договорот не е дел од референдумското прашање и оти тоа е прашање со повеќе значења со цел да се направи забуна кај граѓаните.
На прашањето дали ќе прифати амнестија за поранешниот лидер Никола Груевски и поранешниот директор на ДБК Сашо Мијалков, во замена за поддршка на референудмот, рече дека ќе одбие.
-Не разбирам за каква амнестија станува збор. Ќе одбијам. Не знам кој е тој што би ми ја понудил таа амнестија и не знам на што ќе се однесува таа амнестија, колку што знам правосилна пресуда нема ниту за едниот ниту за другиот, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
За тоа дали се плаши од раскол во партијата Мицкоски вели дека не се плаши ниту, пак, дека има индиции за такво нешто. Кажа исто така дека има голема поддршка од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Не одговори дали ќе си поднесе оставка од претседателската функција доколку ввласта добие поддршка за Договорот од Преспа, туку рече дека ВМРО-ДПМНЕ и тој ниту биле дел преговорите за него, ниту некој ги прашал за референдумот и референдумското прашање.
– Легитимитетот на еден политичар е под знак на прашање на парламентарни избори, рече Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека очекува премиерот Заев да си поднесе оставка доколку референдумот не успее, онака како што претходно кажал.