Мицкоски најверојатно ќе остане единствен кандидат за претседател на ВМРО-ДПМНЕ – и Јанчев најави дека ќе го поддржи


Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓


Актуелниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, многу веројатно ќе биде единствен кандидат (за реизбор на функцијата) на партискиот конгрес в недела во Скопје.

Рокот за кандидирање на конгресот истекува в сабота, а засега се уште нема најави за можни противкандидати на досегашниот лидер, кој во изминатите четири години се соочуваше со чести барања за оставка од сопартијците, по внатрепартискиот раскол околу донесувањето на уставните амандмани, што произлегоа од Преспанскиот договор, како и по поразите што ги доживеа на претседателските избори во 2019 година и на парламентарните минатата година.

Неодамнешните локални избори, на кои ВМРО-ДПМНЕ освои најмногу гласови и најмногу градоначалнички места, очигледно ја зајакнаа позицијата на Мицкоски во партијата. Исто така, овие избори му донесоа на Мицкоски и помирување со неговиот некогашен противник во партијата, Митко Јанчев, кој почна да го троши вториот мандат како градоначалник на Кавадарци од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, надминувајќи ги несогласувањата со партискиот лидер кој своевремено го разреши од потпретседателското место во партијата.

Иако минатата година, додека на големо се бараше оставка од Мицкоски поради поразот на парламентарните избори, Јанчев најавуваше дека планира да го преземе челното место во партијата, сега тој вели дека тие најави се минато свршено време. Во изјава за „360 степени“, Јанчев исто така вели дека на конгресот в недела ќе му даде поддршка на Мицкоски.

Тоа е минато. Се во свое време. Титулите и позициите не ми се важни. В недела, како делегати на конгресот на ВМРО-ДПМНЕ, ќе го поддржам Мицкоски, затоа што постигна мошне добри резултати на овие локални избори“, ни изјави Јанчев.

Од ВМРО-ДПМНЕ најавија денеска нова доктрина и кадровски промени по конгресот на 12 декември. Од партијата, исто така, брифираат дека Мицкоски, на самиот конгрес, ќе најави сериозни кадровски освежувања што ќе се случат потоа, а во согласност со новите политики на ВМРО-ДПМНЕ. Опозициската партија останува и на ставот за брзи предвремени избори, а во однос на спорот со Бугарија неофицијално велат дека нема да потпишат и да поддржат евентуален договор што би излегол од рамките на Резолуцијата изгласана во јули годинава во македонското Собрание, за црвените линии во преговорите.

Мицкоски првпат беше избран на чело на ВМРО-ДПМНЕ на вонредниот конгрес, што се одржа во декември 2017 година во Валандово, по оставката на Никола Груевски од челното место во партијата. Дотогаш Мицкоски беше генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ, а Груевски тогаш застана зад неговата кандидатура за лидер на партијата.

В недела, додека ќе заседава конгресот на ВМРО-ДПМНЕ, членството на ривалскиот СДСМ ќе гласа на вторите непосредни внатрепартиски избори за нов лидер. За разлика од ВМРО-ДПМНЕ каде што се очекува реизбор на актуелниот лидер, членството на СДСМ треба да избере наследник на досегашниот лидер Зоран заев, за кого локалните избори завршија со поднесување оставка.