Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Откако помошник државниот секретар на САД за Европа и Евроазија Вес Мичел му испрати писмо на лидерот на македонската опозиција во кое изразува разочарување за цврстиот став на ВМРО ДПМНЕ околу промената на уставното име на Македонија, денес Христијан Мицкоски му одговори на Мичел во писмо во кое ги објаснува неговите ставови. Писмото го објавуваме интегрално:
Почитуван помошник државен секретар г-дин Мичел,
Со посебно внимание го прочитав Вашето писмо и би сакал да ја искористам оваа можност да Ви се заблагодарам за поддршката која мојата татковина ја добива во поглед на евроатланските интеграции што се и стратешки интерес на мојата партија и граѓаните на мојата земја. Се надевам дека многу скоро Република Македонија ќе биде дел од НАТО И ЕУ семејствата, но горда и достоинствена, а не понижена, обезличена и омаловажена.
Во продолжението на ова писмо би сакал да потенцирам неколку факти, имено процесот на преговори беше воден без создаден амбиент, авантуристички, манипулативно сокриен од јавноста, без вистинска стратегија и со лажни пораки. Во целиот тој период на преговори, детализирање и начинот на доаѓање до договорот ние како најголема политичка сила бевме исклучени, бевме надвор од процесот и не бевме консултирани. Ова го потенцирам од причина што ова решение кое се дискутира е решение кое припаѓа на субјектите на власт, и до истото не е дојдено по пат на консензус, во период и време кога таков консензус се бара и од опозицијата.
Понатаму, Владата узурпирајќи го процесот, наметна манипулативно и повеќезначно референдумско прашање кое ги инкорпираше и НАТО и ЕУ. Моите јасни сугестии беа дека прашањето е свесно повеќезначно и збунувачко, и дека потребно е да бидат формирани две одвоени прашања, едно кое ќе се однесува чисто за прифаќање или неприфаќање на договорот, и друго кое ќе ја изрази волјата на граѓаните дали се за членство во НАТО и ЕУ, што според моето длабоко уверување е наш стратешки интерес. Повторно ВМРО-ДПМНЕ не наиде на разбирање од Владата и реши процесот да го продолжи без консезус со опозицијата.
Целокупниот овој процес изобилува со погрешни проценки, лажни надежи и погрешни очекувања кои за жал беа производ на Владата, која ја лажеше целокупната меѓународна заедница дека ќе испорача нешто што не е во можност да го испорача.
Почитуван г-дин Мичел,
Овој Договор е штетен за интересите на мојата нација и татковина и како таков е НЕПРИФАТЛИВ за ВМРО-ДПМНЕ и за огромното мнозинство на граѓани на Република Македонија, што впрочем и се покажа на последниот референдум каде што и покрај бруталното и насилничко полнење на кутиите од страна на луѓе блиски до Владата, сепак на крај не успеаjа во намерата да обезбедат ни приближно услови за да референдумот биде прогласен за успешен. Имаме места каде што брутално и насилно се полнеа кутии и излезеноста е поголема од 90%, иако долгогодишниот просек не надминува 45%. Зарем тоа се вредностите во кои треба да веруваме? Зарем тоа е начинот како треба да се уништуваат демократските придобивки кои ги развивавме во годините на независна, суверена и самостојна Република Македонија? Зарем треба да останам нем на прашањата на моите студенти кога споредуваат примери каде се побиваат законите на физиката со гласање на секои 5 секунди?Зарем европска вредност ли се заканите уцените кои ги доживуваа граѓаните директно од власта за да излезат и гласаат, лажното преставување на лица од власта и лобирање во време на референдумскиот молк, а да не споменувам за стотиците дисциплински мерки, уназадувања, санкции и отпуштања на вработените во државната администрација кои не го поддржаа договорот, или пак продолжувањето на политичкиот прогон врз неистомислениците на власта, нешто што за нас стана секојдневие и навика со која се научивме да живееме во нашето општество. Зарем треба да го премолчиме фактот дека сите институции молчат за тоа што се случуваше на денот на гласање на референдумот и она потоа?
Одговорот е едноставен, одбивам тоа да го прифатам и не само што одбивам туку и жестоко ќе се спротивставам со сето свое знаење, капацитет и демократски алатки против ваквите девијантни појави. Ова не е Македонија во која сакаме да живееме.
Продолжувам и навистина не можам да поверувам како ќе се придонесе за стабилноста, мирот и сигурноста доколку се прифати Договор кој:
убедливото мнозинство на граѓани го отфрли на референдумот,
со кој се менува Уставот со цел промена на Уставното име на државата,
со кој се поништуваат сите стекнати права на Република Македонија како
a) резолуцијата на ОН за прием на Република Македонија од 1993 година, б) времената спогодба со Грција од 1995 година и c) Хашката пресуда во полза на Македонија од 2011 година,
со кој со членот 8 од договорот се предвидува формирање на Комисија помеѓу двете држави Република Македонија и Грција задача за ревидирање на историјата, археологијата и образованието, трајно наштетувајќи на идентитетот на мојата земја.
со кој се откажува земјата од грижата за Македонските малцинства во други земји, но истовремено се откажува и од Македонците во дијаспората.
Што се однесува до делувањето на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во однос на уставните измени кои во моментот се во Собраниска процедура истото е плод на нашиот претходен став дека договорот не можеме да го прифатиме, кој беше едногласно прифатен вклучително и од пратеничката група, а притоа црпејќи го легитимитетот од референдумот кој се случи.
И можам да ве уверам дека доколку има некакви информации за закани, уцени или било какви обиди за влијание врз нивното одлучување и одлучувањето на било кој пратеник тогаш тоа е од кругови или поединци кои не се дел од структурите на мојата партија. Јас не прифаќам таков начин на делување и истиот го осудувам.
Во многу наврати ја предупредував јавноста и нашите меѓународни пријатели, истото го посочувам и денес, овој процес му е доверен на човек кој не е искрен во намерите и ветува нешта што не може да ги исполни, притоа знаменосецот на таа идеја е посипан со десетици афери, сомнежи за криминал и отсуство на секаква волја за расчистување со случаите на корупција и вистинско владеење на правото. Факторот време покажува дека впрочем најголемата опасност поради кој земјава влегува во криза е токму првиот човек на владата.
Јас како пријател на вашата земја, силно ја уважувам вашата ангажираност да помогнете во процесот, и како човек кој се образувал и работел во државите од ЕУ и целосно ги споделува тие западни вредности сакам заеднички да ја градиме иднината на мојата татковина, базирајќи се на принципи и искрен однос. Но, исто така сум човек кој силно верува во основните цивилизациски придобивки на самоопределување како Македонец и самоименување на мојата татковина Република Македонија.
“секогаш е најтемно пред зората”
Со почит,
Христијан Мицкоски,
Претседател на ВМРО-ДПМНЕ
Претходно, помошник државниот секретар на САД, Вес Мичел, му испратил писмо на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во кое му порачува дека САД се разочарани од позициите на челниците на оваа партија, вклучувајќи го и него лично.
Соединети Американски Држави
Стејт Департмент
Помошник државен секретар за Европа и Евроазија
Вашингтон, ДЦ, 20520
16 октомври 2018
Г-дин Христијан Мицкоски
Претседател
ВМРО-ДПМНЕ
Плоштад на ВМРО, бр. 1
1000 Скопје
Република Македонија
Почитуван Христијан,
Како што веќе разговаравме, Соединетите Држави силно веруваат дека Договорот од Преспа помеѓу Македонија и Грција е историска можност за Македонија да обезбеди посветла иднина и да придонесе кон регионалната безбедност, стабилност и просперитет. И покрај тврдењата дека можел да се постигне некаков “подобар договор”, ние не веруваме дека тоа е можно. Овој договор бараше компромис и од двете страни. Тоа е прилика што веројатно нема да се повтори со години, ако не и со децении.
Нема да Ве изненади што ние сме разочарани од позициите на челниците на ВМРО-ДПМНЕ како во однос на референдумот, така и во врска со чекорите во Собранието за промена на Уставот. Уште од осамостојувањето на Македонија, граѓаните од сите заедници и партии, вклучувајќи ја и Вашата, силно го поддржуваат пристапувањето на земјата кон НАТО и кон ЕУ. Сега Собранието е на ред да го преземе следниот, одлучувачки чекор. Ве поттикнуваме да создадете простор, во јавноста и приватно, за пратениците од Вашата коалиција да одлучат како ќе гласаат за уставните промени, ослободени од закани од насилство, одмазда, или друг облик на принуда.
Ова е историски важен момент за Вашата земја, момент што бара храбро лидерство и зрелост. Како вистински пријател и поддржувач на Македонија, Ве поттикнуваме да ги тргнете настрана партиските интереси со цел унапредување на заедничките стратешки интереси и обезбедување на посветла иднина за вашите граѓани во европското семејство на народи.
Со почит,
А. Вес Мичел