Мицкоски и опозициската ВМРО-ДПМНЕ бараат притвор за Катица Јанева


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Според лидерот на најголемата опопзициска партија ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, СЈО е компромитирано и е завршена работа.

За Катица Јанева треба да биде изречена мерка притвор, стои во реакцијата на опозицискиот лидер Мицкоски во врска со вчера отворената истрага „Рекет“.

Тој побара и итни предвремени избори. Но, во исто време, лидерот на најголемата опозициска партија изрази сомнеж кон истрагата на редовното обвинителство, нарекувајќи ја театар. Причините, објасни, се што ОЈО не покренало постапка кога тој објавил дека бил уценуван од Јанева и затоа што, според негови информации, се кријат вистинските нарачатели на „Рекетот“, пренесува Алсат-М.

„Објективното обвинителство по допрен глас можеше досега да постапи и веќе да покрене обвинение за уцена кон лидер на опозиција. Ама, за жал, ова е се, само не објективно обвинителство. Каде се индициите од театарот Порошенко – Столтенберг, каде се индициите од набавката на системот за навигација, каде се оние разговори каде обвинители и судии веќе две години се снимани, каде се десеттици случаи во оваа држава каде што овој т.н. независен обвинител требаше до сега да постапи? Или врвот во постапувањето е на госпоѓа Катица Јанева да и се одземе мобилниот телефон?“, рече Мицкоски.

За владејачката СДСМ вчерашниот ден покажал дека нема недопирливи за правдата. Посочуваат дека Обвинителството и судот се должни да постапуваат до крај и ако секој си ја работи својата работа ќе се дојде до индивидуалната одговорност.

„Станува збор за кривична одговорност тогаш тоа секако дека има име и презиме и мора да биде индивидуализирано не може да биде виновна институцијата, туку ќе биде виновен оној којшто ја злоупотребил својата функција и своето влијание. Тогаш тој ќе биде виновен. Но иснтитуцијата – не“, рече Снежана Калеска Ванчева – СДСМ.

За владиниот коалициски партнер ДУИ, пак, вчерашните случувања се потврда за транспарентноста на институциите, но и за потребата од ветинг за судии и обвинители.

„Сепак сметам дека системот е компромитиран уште од самиот почеток кога протекоа прислушувани разговори 2015-тата година, па се до денеска и сметам дека оваа компромитација на овој систем не успеа да најде одговор од страна на иснтитуциите посебно обвинителството кое мораше да постапи поригорозно, подиректно, поефикасно за да се врати целиот систем во нормала“, изјави Артан Груби – ДУИ.

Ставот на БЕСА е дека сега се ископлицирал статусот на Специјалното јавно обвинителство во општеството кое имаше висока доверба кај граѓаните. Иако, велат од БЕСА, сметале дека СЈО ќе биде двигател на борбата против корупцијата во земјава.

„Се гледаше дека има селективна правда. Од една страна имаше постапки против поранешни функционери на ВМРО ДПМНЕ, но немаше постапки против поранешни и сегашни функционери на ДУИ кои и сега се дел од сегашната власт“, рече Фадил Зендели од БЕСА.

Демократскиот сојуз на Павле Трајанов пак, кој ја поддржува власта, побара во Парламентот да се одржи итна седница за случувањата околу апсењата и случувањата околу Специјалното обвинителство.