Митревски упорен и безобразен: Не се откажува од претседател, во ССМ влезе со обезбедување


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Во Сојузот на синдикатите на Македонија се води жестока борба за тоа кој е легитимниот претседател на сојузот, па вчера за таа намена беше донесено и приватно обезбедување, а беше повикана и полицијата.

Поранешниот претседател на ССМ Живко Митревски вчера во Домот на работниците влезе со приватно обезбедување, ги затвори вратите за неговите противници и за новинарите и се обиде да одржи седница на Советот на ССМ. На оваа седница Митревски сакаше да исклучи дел од синдикатите кои се негови противници и да се врати на лидерската синдикална позиција. За неговите противници овие одлуки се нелегитимни.

Ова наликува на еден окупиран дом од страна на т.н. претседател, Живко Митревски кој користи лично обезбедување, рекетари за да свика нелегитимно претседателство, т.е совет, каде што на нашите советници им е забранет влезот. Тој нелегитимно ги исклучува претседателите на синдикатите кои се дел од советот, изјави Дарко Димовски, в.д. претседателот на ССМ.

Незадоволните синдикалци ја повикаа и полицијата за нарушување на јавниот ред и мир и тие за кратко се појавија во синдикалната зграда.

Приврзаниците на Димовски велат дека седницата на Советот на ССМ била нелегитимна, без кворум. Митревски беше разрешен на легитимна седница на Советот на ССМ (23 ноември), имавме кворум и тој веќе не може да биде на чело на најголемата синдикална организација во државата, вели Димовски.

Митревски вчера соопшти дека четирите синдикати кои се спротивставија на неговото претседателствување се суспендирани од членството.

За денеска во 12 часот во зградата на ССМ закажана е конференција за медиумите на која четирите најголеми синдикални организации ќе информираат за одлуките за измена на статутот на ССМ и за нивното исклучување од членството на ССМ. Во Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани на Р. Македонија  (УПОЗ), Синдикатот на индустријата, енергетиката, и рударството на Македонија (СИЕР), Синдикатот на работниците од угостителството, туризмот, комунално – станбеното стопанство, занаетчиството и заштитните работилници (СУТКОЗ) и АГРО Синдикатот членуваат повеќе од 28.000 работници.

До Јавното обвинителство поднесени се неколку кривични пријави за овој случај, па се чека на нивната одлука. Обвинителството ја побарало целокупната докумнетација од Централниот регистар, од ССМ и од Министерството за труд и социјална политика за да може да одлучи.