Мистериозен хепатит кој се јавува кај децата ги загрижува здравствените власти


Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓


Европа бележи зголемување на бројот на деца заболени од мистериозниот хепатит. Случаи на хепатит или воспаление на црниот дроб кај најмладата популација се пријавени во Данска, Ирска, Холандија, Шпанија, Германја како и во САД, но први кои алармираа за ова заболување беа британските здравствени власти кои објавија дека откриле повеќе случаи на инфекцијата кај децата од вообичаено.

Од завчера и во Србија се појави прв случај на ова заболување кај деветгодишно дете. Со оглед на наближувањето на летната сезона, голема е веројатноста овој вирус да дојде и кај нас, вели д-р Анѓелко Ѓорчев, пренесува Слободен печат.

– Во соседството веќе се дијагностицираше прв случај на хепатитис кај деветгодишно дете, што значи дека треба да бидеме внимателни во овој период кога може да настане мешање на децата поради претстојната летна сезона. Детскиот хепатитис е проблем кој се јави во цел свет кај детската популација и предизвика голема загриженост кај здравствените експерти. Главна е веста за појавата на хепатитис од непознат тип, којшто предизвикува силна инфламација на хепарното ткиво кај децата, а во одредени случаи предизвика и потреба дури и од трансплантација на црниот дроб поради негова афункционалност. Дијагностицирањето на ваков случај на хепатитис кај деветгодишно дете во Србија ја зголемува потребата од будност на нашите здравствени власти. Но место за паника се уште нема, препорака до родителите е да ги следат своите деца дали ја одржуваат хигиената, да работат на подобрување на нивниот имунолошки статус и да следат доколку има појава на жолтило по кожата која би наложила да се направат иследувања на хепаталните ензими и соодветна лабораторија и да се јават кај матичен педијатар, вели д-р Ѓорчев.

Првите знаци на болеста се одбивање храна, малаксаност, изнемоштеност, а потоа тоа преминува во жолто обојување кое е резултат на излевање на жолтилото од црниот дроб.

-Ако навреме се препознае болеста, брзо се прават сите можни испитувања. Биохемијата е секако најважна од која се гледа дали има покачување на билирубините во крвта, а тука станува збор за директниот билирубин заради кои се јавува жолтилото. Потоа се прават испитувања за присуство на вирусите и кај сите случаи досега е пронајден аденовирусот кој дава низа симптоми. Прогресивните исходи кои се последица на вирусот укажува на тоа дека станува збор за некоја нова варијанта на аденовирусот, и дали е спајк протениот инволвиран, навистина се уште не е утврдено, вели директорката на Детската клиника, д-р Аспазија Софијанова во изјава за Фактор.

Станува збор за заразно заболување кое се пренесува преку контакт, преку рацете, заради што треба поголемо внимание да се обрати на хигиената.

Комисијата за заразни болести вели дека немале состанок на кој би се разговарало за евентуални ограничувања при патувањето.

– Неопходно е да се направи координација помеѓу претседателот на Комисијата за заразни болести и министерот за здравство. Доколку се сомневаме дека има опасност да се пренесе хепатитисот, ќе се закаже состанок на кој ќе се донесе одлука за евентуални ограничувања, рече д-р Злате Мехмедовиќ.

Над 500 ученици, но и наставници, во основно училиште во германскиот град Лајпциг, се заразени со вирус – сè уште непознат за лекарите.

Германски медиуми пишуваат дека сите заразени имаат различни симптоми, но, посебно се истакнуваат висока температура и дијареа. Нивните тестови на коронавирус се негативни.

Само во понеделникот беа пријавени над 100 нови заразени, пишува списанието Феникс.

– Доколку има повеќе заразени во една јавна установа, за толку краток временски период, а лицата се жалат на дијареа и температура, може да станува збор за норовирус. Ако лицето го донесе вирусот во училиште, многу лесно се пренесува. Но, по неколку дена, неудобните симптоми, најчесто се повлекуваат – изјави доктор Кристоф Шпехт за германскиот медиум РТЛ.