Мишел во Скопје порача: Ако Македонија го прифати предлогот, за неколку дена ќе биде првата меѓувладина седница


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Првата меѓувладина конференција би можела да се организира во следните неколку денови ако предлогот биде прифатен од македонска страна, порача претседателот на Советот на Европа, Шарл Мишел, во своето излагање на заедничката прес конференција со премиерот Димитар Ковачевски.

„Лично јас сум уверен дека ова е урамнотежено решение коешто се упатува на вашите загрижености и целта е јасна, да се започне со пристапните преговори и конечно да се придвижиме кон градење на нашата заедничка иднина во ЕУ. Ако кажете – да, првата меѓувладина конференција ќе се организира во следните неколку денови“, рече Мишел.

Премиерот Ковачевски на заедничката прес-конференција со Мишел, најави дека, покрај францускиот предлог, ќе биде објавен и Протоколот за спроведувањето на Договорот за добрососедство со Бугарија.

„Францускиот предлог е предлог во кој се вклучени нашите забелешки и јасни ставови, ќе биде објавен и билатералниот протокол со Република Бугарија.

Протоколот не е нотиран во преговарачката рамка, тој е билатерален документ кој не е дел од европскиот пакет. Тие само временски коинцидираат.“, рече Ковачевски.

Тој пред Мишел рече дека преговорите со ЕУ ќе започнат со задржани црвени линии и со чист македонски јазик.

„Овој предлог е основа за напредок и обезбедување на она што цели 17 години го чекаме. Предлогот е во целосна согласност со Резолуцијата за нашите позиции во спорот со Бугарија.

Од нас зависи одлуката за иднината на државата и граѓаните, кои заслужуваат да живеат по европски стандарди. Македонскиот народ ниту некој успеал да го асимилира, ниту некогаш ќе се случи да го модифицира.

Ќе имаме време за затворање на отворените прашања со соседите, се додека тие не бидат праведни за двете страни. Сега е дојден моментот кога ќе ја оставиме дневната политика и да постапиме државнички и одговорно и доследно да се држиме до позициите во секој поглед“, наведе Ковачевски.