Министерството за правда ќе прави ревизија на распределувањето на судски предмети

???

Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Во Министерството за правда е формирана работна група која треба да направи ревизија на АКМИС системот за тоа дали се направени евентуални злоупотреби, рече вчера во своето излагање за работата во првите 100 дена Билен Саљији, министерот за правда кој додаде дека за ова добил позитивен одговор од сите засегнати институции, освен од Врховниот суд, од каде што уште чека одговор.

„Дозволете да ве информирам дека по барање на Министерството за правда ќе се направи ревизија за утврдување злоупотреби на АКМИС-системот и досега добивме позитивен одговор од Судскиот совет и од Основниот суд Скопје 1, а уште чекаме одговор од Врховниот суд“, рече Саљији.

АКМИС системот е компјутерска програма за електронска распределба на судските предмети по случаен избор.

Вчера Јово Вангеловски, претседателот на Врховниот суд за ТВ24 изјави дека ќе дозволи експертски тим да влезе во Врховниот суд и да испита дали имало злоупотреби со АКМИС системот. Тој вели дека системот една година веќе не функционирал затоа што фирмата што го одржувала се повлекла, па имало и рачна распределба на некои предмети. Тој за ваквата распределба директно ги обвини поранешната претседателка на Врховниот суд и поранешниот претседател на Основниот суд Скопје 1.

„Ќе му дадеме целосна поддршка на експертскиот тим. И јас се согласувам дека мора да се направи контрола на системот дали имало злоупотреби. Јас лично потенцирав и на средбата со Прибе му кажав, дека мора да се провери дали прераспределбата била електронска и претходно“, изјави Вангеловски.

Веќе подолго време постои сомневањето дека судските предмети не се распределуваат електронски, туку „рачно“, во зависност од тоа кој е обвинетиот, која е политичката заднина на одреден предмет и дали е тоа предмет на СЈО или не.

Владата неодамна најави дека ќе бара помош од американска софтверска компанија за да ги испита евентуалните злоупотреби на АКМИС системот за електронска распределба на предметите кај судиите.

Евентуалнаата ваква „рачно“ насочена распределба на судските предмети претставува кривично дело злоупотреба на службената положба и овластувања.

Минатата недела беше објавен извештајот на Рајнхард Прибе за владеењето на правото во Македонија. Во него се вели дека не е направенa ревизија на АКМИС системот, бидејќи надлежните за тоа, Судскиот совет и Врховниот суд, не побарале да се направи. Освен тоа, во овој извештајот содржи сериозни забелешки за речиси сите сфери од правосудниот систем, за работата на основните судови, Судскиот совет и Управата за безбедност и контраразузнавање.

Прибе препорача и да се овозможи Специјалното јавно обвинителство да продолжи да ги истражува сите кривични дела кои произлегуваат од прислушуваните разговори, но и реформи во УБК како и ревизија на електронскиот систем за распоредување на предмети кај судиите.

Пред 10 дена комисијата при Советот за утврдување на факти не успеа да изврши увид во списите на предметот во јавноста познат како „Таргет“ и „Тврдина“, бидејќи претседателот на Врховниот суд и наредил на судската полиција да не ја пушта Комисијата во судот. Од Советот за утврдување на факти соопштија дека со ваквиот потег претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски сторил повреда на законот и најавија кривична пријава.