Министерство за труд и социјала не знае колку пензионери се оштетени од вториот столб


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Министерството за труд и социјална политика тврди дека не е точен податокот дека 314 граѓани се оштетени бидејќи членувале во државниот и во еден од приватните пензиски фондови.

Министерството го соопшти ова една недела по обелоденувањето на податокот од страна на народното правобранителство. Од труд и социјала, денеска меѓутоа, информираа дека во 2006 година 60.000 граѓани доброволно се зачлениле во вториот пензиски столб, но не посочија колку од нив ќе се најдат меѓу оштетените.

Народниот правобранител пред една недела соопшти дека тројца пензионери се жалеле кај него дека се оштетени поради членувањето во државниот и еден од приватните пензиски фондови. Омбудсманот исто така посочи првична бројка од 314 оштетени лица, повикувајќи се на податок изнесен од Агенцијата за супервизија на капиталното пензиско осигурување (МАПАС).

Вистинската бројка, како што изјавија во Министерството, ќе се утврди со анализата на податоците кои соодветните институции до утре треба да ги достават до работната група која во Министерството за труд работи на проблематиката. Оваа група треба да предложи можности за решавање на прашањето и да предложи измени на законите кои го регулираат прашањето на пензиското осигурување и определувањето на висината на пензијата.

Првичните проценки на Министерството укажуваат на неколку состојби кои би биле проблематични за идните пензионери кои се осигурени во државниот фонд и членуваат во приватните пензиски друштва и затоа побарале подетални податоци за нив и за други прашања.

Од Министерството убедуваат дека аферата која ја обелодени народниот правобранител и анализата која допрва ќе се прави, нема да предизвика никаков потрес во пензискиот систем и дека реформите направени во пензискиот систем одат во добра насока.

Во вториот столб до крајот на 2016 година се зачлениле 427.000 граѓани со околу 781 милион евра, додека во третиот столб има 23.000 членови со 16 милиони евра, посочија од Министерството.

Тоа, како што велат го покажуваат и пресметките. Ако еден член на вториот пензиски столб има уплаќано придонеси во период од 10 години и земал просечна плата од 20.000 денари сега на својата сметка би требало да има 405.000 денари.

Сепак, од Министерството не го коментираат фактот дека 500.000 евра од приватните пензиски фондови се вложени во државни хартии од вредност и е можно да бидат доведени во прашање со оглед на енормното задолжување на државата.