Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Првиот човек на Министерството за образование и наука, министерот Арбер Адеми, е еден од четворицата владини функционери, заедно со техничкиот премиер Спасовски, вицепремиерот Османи и министерот за здравство Филипче, кои се во принудна домашна изолација откако градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, објави дека е заразен со коронавирусот.
„Од денешната позитивна потврда за ковид-19 на градоначалникот на општина Куманово, иако како и сите присутни на состанокот бев со лична заштитна маска и ракавици за кои епидимиолозите сметаат дека е доволна заштита, останувам во изолација и ќе постапам согласно протоколите за постапување во вакви ситуации. На градоначалникот на Куманово, но и на сите заболени во моментов им посакувам брзо оздравување и заедно да излеземе од целата оваа состојба. Останете дома и грижете се за вашето здравје!“, порача Адеми преку социјалните мрежи.
Тој заедно со премиерот Оливер Спасовски, со вицепремиерот Бујар Османи и министерот Венко Филипче, вчера беа на состанок во Куманово.
Денеска, пак, градоначалникот соопшти дека добил позитивен резултат на тестот, а Владата соопшти дека Спасовски и министрите поради тоа одат во самоизолација.
Заедно со нив во самоизолација одат и 10-тина новинари и сниматели кои ја следеле прес-конференцијата пред седницата на Кризниот штаб во Куманово.
На прес-конференцијата кадешто вчера зборувале и Спасовски, Османи, присутни биле новинари и сниматели на неколку телевизии: „Телма“, „Алсат М“, „Сител“, „ТВ 21“ и други, а некои колеги потоа земале и изјави од Димитриевски.
Првиот тест на коронавирус ќе им биде направен в четврток, по празникот.