Министерот Османи најави внатрешна истрага во МНР за аферата поврзана со Онишченко


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Министерот за надворешни работи Бујар Османи вчера изјави дека Владата побарала внатрешна истрага за случајот Олександар Онишченко, после која виновните лица сигурно ќе сносат одговорност.

Според Виктор Димовски, директорот на Агенцијата за национална безбедност, во овој случај има само еден одговорен, началник во АНБ. Сепак, според законските одредби се чини дека дека листата на одговорни треба да биде поголема од еден.

„Несомнено, тоа е сериозен инцидент кој треба да нѐ поттикне сите да почнеме да размислуваме каде имаме слаби точки и да преземеме мерки и тоа треба да го направиме заедно со меѓународните партнери. Владата побара внатрешна истрага. Во моментот кога истрагата ќе има резултати, мислам дека дефинитивно треба да има мерки за одговорните“, изјави Османи одговарајќи на прашање за доделувањето македонско државјанство и пасош на Украинецот Олександар Онишченко, кој е на црната листа на САД.

Минатата недела пред собраниската Комисија за контрола на работата на АНБ и на Агенцијата за разузнавање, Виктор Димовски рече дека по завршувањето на нивната интерна контрола за тоа како бил издаден македонскиот пасош за Онишченко, грешката е лоцирана кај еден началник во секторот за стратешка соработка на тајната служба. Димовски вели дека тој началник се потпишал дека извршил консултации со пријателските служби од партнерските држави од НАТО, иако не ја завршил проверката.

Во Законот за државјанство никаде не пишува дека за добивање државјанство безбедносната проверка треба да се врши и во консултација со НАТО партнерите.

Но затоа во член 7 од овој закон пропишани се неколку услови за стекнување државјанство. Дел од тие услови се: против кандидатот за добивање државјанство да не се води криивична постапка во Македонија и во државата чиј државјанин е, да го владее македонскиот јазик до тој степен да може лесно да се разбере со околината, да не е изречена мерка забрана за престој во Македонија, неговиот прием во државјанство да не ја загрозува безбедноста и одбраната на Македонија, да потпише заклетва дека ќе биде лојален граѓанин на Македонија и да има отпуст од досегашното државјанство или да докаже дека ќе го добие ако биде примен во државјанство на Македонија.

Според законот, овластеното лице на МВР кое ја води постапката е должно да ги побара доказите и податоците потребни за да се исполнат овие услови.

Во случајот со Онишченко, неколку услови по ред не се исполенети пред да се помине на можноста да се добие државјанство ако Македонија од личноста која бара државјанство може да има „особен научен, економски, културен, спортски или друг национален интерес“ (член 11 од Законот за државјанство). Кога го добил македонскиот пасош Олександр Онишчено (јуни 2022) по него уште важечка беше потерницата од неговата татковина Украина, а и натаму е на црната листа на САД за непожелни личности поради неговите врски со руските тајни служби. Ова значи дека два од неколкутте услови веќе не се исполнети – има кривична постапка и претставува безбедносен проблем за одбраната на Македонија. Дали знаел барем малку македонски и дали е лојален граѓанин – треба да одговорат надлежните.

Навистина е чудно како овие основни услови за добивање македонски пасош во овој случај не биле видени од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и од директорот на АНБ Виктор Димовски и нивните службеници.