Милијардерка на 27 години: Успешната приказна на Анкити Босе


Уствари викендов е затишје пред бура! ↓↓↓


Патот на „Zilingo“, модна платформа чија моментална пазарна вредност се проценува на околу милијарда долари, почна во 2014 година, кога Анкити Босе, во тоа време финансиска аналитичарка во компанијата Sequoia India, отпочнала разговор со соседот на една забава во градот Бангалор.

Во тоа време 23-годишната Босе и една година повозрасниот Друв Капур, кој работел како софтверски инженерво едно гејмерско студио, сфатиле дека имаат слични вештини и амбиции, па одлучиле заедно да иницираат приватен бизнис.

Четири месеци подоцна, ги напуштаат своите работни места и вложуваат секој по 30.000 долари лична заштеда и ја формираат Zilingo – „онлајн“ платформа која на помалите трговци од Југоисточна Азија им овозможува продажба на стока.

Предминатата година Zilingo, чие седиште е во Сингапур, забележа приход од 1,8 милиони долари, а пред неколку дена фондовите со ризичен капитал, меѓу кои се и Sequoia Capital и Temasek Holdings, во Zilingo вложија 226 милиони долари. Во тој момент вредноста на Zilingo беше проценета на 970 милиони долари. Тоа 27-годишната Босе ја направи најмлада шефица на чело на една толку голема компанија во Азија.

Женските основачи на „старт-ап“ компании се ретки во светот, бидејќи од 239 такви компании вредни барем една милијарда долари, само 23 се основани од жени, објави Pitchbook минатата година во мај.

„Бевме само куп дваесетгодишници кои имаа само соништа, но одлучија да ги следат“, изјави Босе која по потекло е од Мумбаи.

Пазарот за „онлајн“ купување во Југоисточна Азија минатата година беше проценет на 23 милијарди долари, покажува извештајот на Google и Temasek, а се проценува дека до 2025 година ќе достигне вредност од 100 милијарди долари.

Zilingo на малите трговци со облека им овозможи „онлајн“ платформа преку која можат полесно да допрат до своите клиенти и купувачи. Сфаќајќи дека на поголемиот број трговци им недостига пристап до технологија и капитал, Босе и Капур одлучија да го прошират својот бизнис. Развија софтвер со кој директно ги поврзуваат набавувачите и производителите на текстил од Бангладеш до Виетнам. Огласувањето на производите на страницата е бесплатно, а Zilingo заработува наплаќајќи провизија од 10 до 20 отсто на секоја „онлајн“ нарачка.

Некои од идеите кои ги имплементираа во Zilingo, Босе ги апсолвирала преку популарната продавница Chatuchak во Бангкок, на која се продаваат повеќе од 15.000 производи. Сфатила дека трговците од Југоисточна Азија немаат можност да ги прошират своите пазарни капацитети. Денес Zilingo има 400 вработени кои се грижат за функционирање на платформата и во Индонезија, Тајланд и на Филипини, а се планира и нејзино проширување во Австралија.

Во текот на детството Босе често се селела поради работната служба на нејзиниот татко, кој работел како инженер во државната нафтена компанија. Поради тоа имала можност да запознае различни култури. Нејзината мајка дала отказ на нејзиното универзитетско работно место и ја подучувала својата ќерка дома. Босе студирала математика и економија, а како што пренесува NDTV, била одлична студентка.