Со милијарда евра до почист воздух – Германија нема да ги забрани дизел моторите


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Германската влада иницираше програма од милијарда евра за да им помогне на градските власти во подобрувањето на квалитетот на воздухот, со цел да ја спречи забраната за користење возила со дизел-мотори.

Тоа беше соопштено по завршувањето на таканаречениот „дизел-самит“ кај канцеларката Ангела Меркел во Берлин.

„Сега навистина е од најголема важност да се избегнат забраните на возилата на дизел-погон“, истакна Меркел по состанокот со претставниците на сојузните држави и градови во Берлин.

Затоа е потребно да се намалат количините на јаглероден диоксид во градовите, за што е предвиден фонд од една милијарда евра.

„Средствата би требало да се вложат во подобрување на инфраструктурата, подобро сообраќајно планирање, како и инвестиции во еколошки јавен превоз“, потенцира германската канцеларка.

Како една од главните мерки за намалување на штетната емисија на гасови се предвидува забрзано воведување на автобуси на електричен погон.

Еколошките организации ја критикуваат постигнатата спогодба, сметајќи ја за нецелосна. „Сојузната влада и натаму не ја разбира сериозноста на овој проблем“, соопшти организацијата „Гринпис“.

Тие стравуваат дека забраната на дизелашите е неизбежна, што би можело да предизвика хаос во германските градови следната година.

Пред неколку месеци судот во Штутгарт ја одобри забраната за возила со дизел-мотори поради повеќекратното пречекорување на дозволените граници за емисии на азотни оксиди.