Милан е нов фудбалски шампион на Италија


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


И во елитната италијанска Серија А, исто како и во англиската Премиер лига, во неделата вечерта се играше последното коло во кое се решаваше шампионската титула. Милан кој со 0-3 го совлада Сасуоло и ја задржа лидерската позиција пред градскиот ривал Интер, заслужено го освои скудетото после пауза од 11 години.

Со двата гола на Французинот Жиру и еден на Кеси, а сите три на асистенции на Рафаел Леао, Милан ја преброди и последната пречка пред сонот наречен – скудето.

Росонерите пред повеќе од 20.000 свои навивачи на гостинскиот стадион „Мапеи“ во Реџо Емилија, ја начнаа мрежата на Сасуоло уште во 18. минута кога Оливие Жиру постигна убав погодок по супер додавање на Леао.

Францускиот центарфор зголеми на 0:2 четиринаесет минути подоцна а во 36′ минута Кеси распали од далечина на фантастична асистенција на португалскиот репрезентативец Леао и ги постави конечните 0:3.

Повеќекратниот европски првак го освои 19. шампионско скудето а прво уште од сезоната 2010/2011 кога тренер беше Масимилиано Алегри а во тимот од актуелниот состав беше Златан Ибрахимовиќ. После цели 11 години подоцна во сезоната 2021/2022 Милан го прослави шампионскиот пехар.

Милан со оваа титула се израмни по бројот на скудета со Интер кој лани ја прекина доминацијата на Јувентус.

Паралелно, на „Џузепе Меаца“ Интер со 3-0 ја победи Сампдорија но победата се испостави дека беше Пирова зошто градскиот ривал веќе на големо славеше во Реџо Емилија.

Милан до крајот рутински го заврши мечот и пред илјадници свои навивачи ја прослави титулата. На шампионскиот престол капитенот Ромањоли го крена пехарот заедно со сите свои соиграчи.