Миља Марин – лицето на убавината на победата над фашизмот


Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓


Миља Марин (моминско Тороман) беше југословенска партизанка, позната по нејзиниот фотографски портрет „Козарчанката“ кој го направи Жорж Скригин.

Миља беше болничарка во 11. козарска бригада. Нејзиниот фотопортрет Жорж Скригин го направи во Кнежполе во 1943 година.

Таа тогаш имала само 17 години. Во интервју за „Независне новине“ во 2007 година Мира изјави дека го памети моментот кога настанала култната фотографија.

„Беше ладно. Партизаните и народот заедно голи и боси. Во нашиот крај кој тогаш се спротивставуваше на далеку понадмоќниот непријател, усташите и фашистите, пристигна актерска трупа во која беше и Жорж Скригин. Од партизанската колона не издвои пет девојки кои бевме болничарки во партизанскиот санитет. Не знам зошто, но окото му запна за мојот лик. Ми кажа да истапам од колоната за да ме фотографира“, се потсети во 2007 година Мира на тие мигови.

Во интервјуто додаде дека била скромно облечена, па тој ѝ дал некаков џемпер, а на нејзиното рамо ставил автоматска пушка, ја накривил нејзината титовка на главата, ја поднамести нејзината коса и ѝ рекол да се насмее.

„Ни денес не знам како ми дојде таа насмевка на лицето која ја одбележа фотографијата од Скригин. Им се препуштив на емоциите, иако не ми беше дојдено до смеење, но верував дека на тоа мое тогашно страдање и страдањето на моето семејство мора да им дојде крај. Се насмеав, а тој од мене извлече и направи чудо“, додаде Миља.

 

Паметеше дека долго време после крајот на Втората светска војна не се знаело која е безимената девојка од фотографијата и дали таа воопшто е жива.

„Жорж Скригин пред 64 години на Кнежполе не ми зеде мои лични податоци. Знам дека ми предложи да се придружам на неговата актерска трупа. Јас ја прифатив неговата понуда, но вето на истата стави мојот командант Микан Марјановиќ, кој на Скригин му објасни дека на партизаните им е потребна секоја болничарка. Така останав во бригадата. Да заминев со него, којзнае каде ќе завршев. Можеби ќе се издигнев на ниво на Мерилин Монро“, заврши во интервјуто Марин.

Миља почина истата 2007 година, во Приједор.