Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓
На неговата американска премиера, на фестивалот Синеквест во Калифорнија, македонскиот филм „Врба“ во режија на Милчо Манчевски ја освои наградата за Најдобар филм на фестивалот. Тоа е главна награда на Синеквест која ја доделува меѓународно жири. „Врба“ на фестивалот беше претставен како „филм што нема да го заборавите“.
Синеквест е еден од најголемите и најреномираните независни фестивали на американскиот континент, а се одржува во Сан Хозе и Редвуд Сити во Силиконската долина, седиште на најголемите технолошки гиганти како Фејсбук, Епл, Твитер, Нетликс, Зум, Линкедин. Фестивалот е специфичен по програмата што поддржува иновативни и креативни уметнички дела. Годинашното јубилејно 30-то издание на фестивалот место во март, поради пандемијата се одржа онлајн од 1 до 14 октомври, со програма од 154 филмови од САД и светот, учествуваа вкупно 950 артисти, а се одржаа и 95 специјални настани поврзани со филмската работа. Синеквест е и квалификациски фестивал за Оскар со програмата за кратки и анимирани филмови.
Неделава „Врба“ ќе ја има и шпанската премиера во конкуренцијата за награди на фестивалот во Валенсија, каде ќе присуствува и режисерот Манчевски. „во септември, „Врба“ беше избран во селекцијата за престижната награда за најдобар филм на Европската филмска академија (ЕФА) позната и како Европски Оскар, а доби и две номинации (за најдобар игран филм и за најдобар режисер) на еден од најголемите фестивали за независен филм Рејнденс во Лондон што ќе се одржи следниот месец.
„Измина точно една година од светската премиера на фестивалот во Рим, при што ‘Врба’ постигна рекорди во кино и тв прикажувањето дома, ласкави критики во светските медиуми (‘длабок, суптилен’), над 20 фестивали на четири континенти, и 3 награди, а филмот го продолжува фестивалскиот поход со несмалено темпо што времено беше запрено поради ковид-19 пандемијата. Исто така, се очекува следната недела ‘Врба’ да се врати и во македонските кина, како дел од програмата на кино Синеплекс во Скопје“, велат од продукцијата.
Манчевски го подготвува и новиот филм „Кајмак“, поддржан од Агенцијата за филм, а македонскиот продуцент Јане Ќортошев објави дека сега доби поддршка и од данската држава, од Данскиот филмски институт.
„Данскиот филмски институт го поддржа ‘Кајмак’, а дански продуцент на филмот е славната Мета Луис Фолдагер Соренсен, продуцентката на филмовите ‘Меланхолија’ и ‘Антихрист’ на Ларс фон Трир, на данскиот кандидат за Оскар „Кралската афера’ и на ‘Сопругата’ за кој Глен Клоус доби номинација за Оскар, како и на хит сериите ‘Премиерката’ и ‘Рагнарок’, меѓу другите. Многу сме задоволни што по соработката со британската легенда Ник Пауел за ‘Врба’, новиот филм на Манчевски ќе овозможи во македонска меѓународна копродукција да влезе уште една реномирана европска и светска продуцентка како Мета Фолдагер“, вели Ќортошев.
Новиот филм на Манчевски „Кајмак“ е поддржан со 500.000 евра во првиот рок на одлучување на конкурсот на Агенцијата за филм за 2020, како проект со мнозински македонски удел, а во него се активни продуценти од осум држави: Данска, Велика Британија, Белгија, Луксембург, Полска, Унгарија, Албанија и Словенија.