Местото кое сведочи на најголем број самоубиства во светот


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Кога станува збор за појави како депресија, анксиозност, ментални и душени нарушувања, Хонг Конг е едно од најризичните места во однос на концентрацијата на луѓе кои страдаат од овие состојби. Воедно, таму се случуваат и најголем број самоубиства во светски рамки – податок кој е поразителен за оваа светска метропола.

Во една од најгусто населените области во светот, каде што многу луѓе работат по многу часови дневно, каде што има сериозно загадување на воздухот, високи трошоци за кирија, строги училишта и кревка политичка клима – најмалку еден од шест жители на Хонг Конг има чести ментални нарушувања, како анксиозност, депресија и психотично нарушување, велат две истражувања цитирани од Шери Кит Ван Чан, клинички асистент-професор на Одделот за психијатрија на Универзитетот во Хонг Конг.

Но, случајот на Лоренс Грант покажал дека нема доволно ресурси за оние што имаат потреба од поддршка за менталното здравје.

Во октомври Паркер, девојката на Грант, го пронашла мртов откако измешал алкохол со апчиња за спиење, антидепресиви и антипсихотични лекови.

„Во Хонг Конг не постои место каде што човек може да се обрати за помош“ – изјави Паркер и додаде дека нема импликации за тоа дека смртта на нејзиното момче била намерна.

Депресијата удира како „црни бранови“, а почнале кога Грант бил тинејџер, уште додека живеел во Велика Британија.

„Не беше свесен за ништо друго. Не можеше да излезе од депресијата. Чувствуваше дека сè што е добро исчезнало од светот“ – вели неговата девојка. Тие биле заедно четири и пол години.

Депресијата почнала кога Грант се вратил од Авганистан, каде што служел војска за британската армија. Почнал да работи како менаџер за понуди во глобалната сметководствена компанија КПМГ. Транзицијата од средина со висок ризик во канцеларија му била тешка.

Грант и Паркер одлучиле да се преселат во Хонг Конг во јануари 2017 година. Сакале да почнат нова авантура и зад себе да ги остават сите негативни чувства.

„Тоа не беше добар потег“ – додава Паркер.

Животот во Хонг Конг може да биде тежок. Стресен е за оние што работат многу часови, како Грант, кој станал менаџер.

„Постојано беше загрижен за тоа што го прави таму. Постојано чувствуваше товар на градите и притисок да биде добар во работата“ – вели Паркер.

Не само што луѓето во Хонг Конг работат многу часови туку и 60 отсто од жителите доживуваат стрес и анксиозност кои се поврзани со работните места.

„Веруваме дека станува збор за комбинација на културата, огромниот притисок што луѓето сами си го наметнуваат да бидат успешни на работа во систем со високи постигнувања. Проблемите започнуваат од мала возраст: децата се чувствуваат анксиозно и понекогаш имаат самоубиствени мисли поради притисокот од она што се очекува да го постигнат“ – вели Хана Рејди, која ја води добротворната иницијатива за ментално здравје „Мајнд ХК“.

Како резултат на тоа, луѓето стануваат многу кревки.

Повеќе од половина од самоубиствата во светот се случуваат во Југоисточна Азија и во западниот дел на Пацификот, покажуваат податоците на СЗО. И покрај тоа што бројот на самоубиства е највисок во Јапонија и во Јужна Кореја, оваа причина е една од водечките и во Хонг Конг: околу 900 убиства годишно во текот на изминатата деценија.

Оваа бројка ги вклучува и учениците што си го одземаат животот поради академските притисоци, но тивкото мнозинство се мажи и постари. Стапката на самоубиства на лица над 65 години е околу 40 пати поголема отколку кај оние под 15 години, укажува Центарот за истражување и превенција на самоубиства во Хонг Конг. И стапката на самоубиства кај мажите е двојно поголема отколку кај жените. Мажите не сакаат да зборуваат за проблемите поради гордоста, додека постарите се загрижени дека по пензионирањето не се вредни и му претставуваат товар на своето семејство.

Ресурсите во Хонг Конг се навистина ниски, а оние што постојат се многу мали (мали невладини организации и служби) и тие се борат да се поврзат со населението. Ова делумно се должи на недостигот на свест кај јавноста. За соодветно лекување на пациентите со нарушено ментално здравје, СЗО препорачува сооднос од 10 психијатри на 100.000 луѓе, додека соодносот во Хонг Конг е околу 4,9 психијатри на 100.000 луѓе. Како резултат на тоа, нивото на нега е лошо.

Во случај на рана психоза, раната интервенција може да го намали ризикот од самоубиство.

Депресијата е особено стигматизирана во културата на Кинезите. Луѓето сметаат дека депресијата е нешто од кое треба да се срамат. Кинеската култура е поколективна, така што целото семејство ќе чувствува срам, што укажува на тоа дека нешто не е во ред со личноста и со семејството.