Меркел: „Изгледа секогаш треба да повторуваме – нема да има промени на границите на Балканот“


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


По одржаниот состанок со претседателот на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Денис Звиздиќ, германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека нема да има промени на границите на Балканот, додавајќи „дека секој пат тоа мора да се повторува.”

Меркел на заедничката прес-конференција изјави дека сите земји од Западен Балкан сè уште имаат изгледи за членство во ЕУ, истакнувајќи ја важноста од соработката меѓу земјите од регионот, според регионалните телевизија Ен1.

„Севкупно гледано соработката во Западен Балкан е подобрена. Ние ги охрабруваме лидерите на земјите од регионот што поблиску да соработуваат. Исто така разговаравме за мигрантската криза, и ние ќе направиме се за да и помогнеме на БиХ за решавање на овој проблем и сме благодарни за хуманиот третман на мигрантите“, рече германската канцеларка.

Таа додаде дека значаен економски развој на Босна и Херцеговина ќе го намали одливот на младите луѓе од земјата и дека Германија тука игра голема улога како еден од најзначајните партнери на Босна и Херцеговина.

„Ние ја охрабривме владата (Советот на министри на БиХ) и поединечни одговорни лица да побрзаат со одговорите на прашалникот. Што се однесува до изборниот закон важен е компромис од сите страни. Уште поголема важност има измената на кривичниот закон и тука имаме правен вакуум. Мора да се зајакне борбата против корупцијата, криминалот и тероризмот“, додаде Меркел.

Звиздиќ рече дека најважните приоритети за БиХ се интеграцијата во ЕУ и во НАТО.

„Најважната цел на надворешната политика на БиХ се европската интеграција и НАТО, а без германската иницијатива во 2014 година немаше да бидат можни овие динамични позитивни процеси во нашиот пат кон ЕУ. Тој пат нема алтернатива и сите обврски на агендата ги завршивме. Брзо ќе ви дадеме одговори на дополнителните прашања од Прашалникот со цел што поскоро да добиеме статус на кандидат“, рече Звиздиќ.

Тој додаде дека БиХ е посветена на процесот на помирување во регионот, но тој процес мора да биде основан на „на почитување на суверенитетот и територијалниот интегритет“.

Звиздиќ ги повика германските фирми да продолжат да инвестираат во БиХ, но и да ги засилат своите инвестиции, наведувајќи дека неговата земја има „добри ресурси и квалитетна работна сила.“