Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓
Влора Бектеши, сестра на министерот за економија, Крешник Бектеши, е најновиот случај за непотизам при вработување во МЕПСО, која политичките функционери ја претворија во компанија за вработување на свои роднини и блиски луѓе. Вработувањето на Влора како референт во Секторот за правни и општи работи во МЕПСО е најновиот случај на вработување во оваа компанија кој ја разбранува јавноста и предизвика револт.
Во одговорот на компанијата се вели дека министерот Бектеши нема законски овластувања да вработува во МЕПСО, ниту како министер може да влијае од причина што основач на МЕПСО е Владата, а единствен акционер е Министерството за транспорт и врски.
„Влорa Бектеши е вработена во МЕПСО лани во Секторот за правни и општи работи како референт, на оглас на кој се пополнети 23 отворени работни позиции. Целата постапка за вработување е во согласност со Законот за работни односи, а Бектеши на местото референт е избрана меѓу тројца кандидати предложени од стручна комисија.“
Во последниов период во МЕПСО се вработени неколку лица, блиски роднини на високи функционери. Дамјан Бучковски, синот на професорот и поранешен премиер, Владо Бучковски, беше ангажиран во МЕПСО, a договорот беше прекинат на 31 декември откако медиумите напишаа за ова. Бучковски е повратник во редовите на владеачката партија СДСМ и силен поддржувач на политиките на Заев.
Од неодамна во МЕПСО работи и Фиторе Бејта Акику, ќерката на Невзат Бејта, поранешниот градоначалник на Гостивар од владеачката партија ДУИ.
Периодов во ЕЛЕМ се вработени и ќерката на претседателот на Собранието, Талат Џафери и синот на архитектот близок до власта, Мирослав Грчев. Од ЕЛЕМ тогаш ги потврдија информациите дека кадровски се засилиле со Димитар Грчев и Бесија Џафери и дека сѐ било законски.
Засега нема никаква реакција на власта за ваквите кадровски решенија по државните компании.