Мејведер VS „јутјуберот“ Логан – еве како заврши тоа „чудо“


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Бившиот светски боксерски шампион Флојд Мејведер и јутјуберот и блогер Логан Пол доцна синоќа боксуваа дури осум рунди и на крајот не беше прогласен победник бидејќи се работеше за егзибициски, ревијален меч.

Иако никој не очекуваше, сепак Логан Пол ги издржа дури сите 8 рунди кои се боксуваа без бодување поради ревијалниот каракер. Мејведер очекувано доминираше во текот на секоја рунда но малку фалеше во еден момент Логан Пол да го урне големиот шампион.

44-годишниот Мејведер и 26 годишниот Логан Пол кој е и 16 килограми потежок од Флојд разменија вкупно 73 удари од кои повеќе прими помладиот кој на крај успеа да остане на нозе.

„Искрено со ова докажав дека ништо не е невозможно. Тоа што јас останав на нозе по борбата со најдобриот е најдобар доказ“, кратко прокоментира Логан.

А Мејведер кој веќе долго време е во пензија последен пат боксуваше на високо ниво пред 4 години кога лудиот Ирец Конор МекГрегор го предизвика. Флојд и самиот признава дека веќе не е тоа тоа.

„Во еден момент од борбата сфатив дека веќе немам 20 години и не можев да форсирам како што сакав. Но и ривалот се покажа многу пожилав отколку што мислев“.

Њујорк Тајмс пишува дека и двајцата ќе земат неколку милиони долари но не се знае точниот износ на заработка. На крајот околу 25.000 гледачи на трибините на огромната „Хард Рок Арена“ во Мајами беа незадоволни од виденото и во неколку наврати ги исвиркаа Мејведер и Логан.