Мехмедовиќ: Бесплатно болничко лекување за граѓаните – подготвен предлог законот за измени на законот за здравствено осигурување


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Членот на Комисијата за здравство на СДСМ, Злате Мехмедовиќ изјави дека веќе e подготвен Предлог законот за измени и дополнувања на законот за здравствено осигурување, со што ќе се обезбеди бесплатно болничко лекување за сите осигуреници.

„Овој предлог закон е еден од првите што ќе ги поднесеме во Собранието, затоа што наша цел е сите граѓани да имаат достапни болнички услуги.

Со измените, целосно ја укинуваме болничката партиципација за сите осигуреници. На овој начин никој нема да остане без болничка услуга само заради тоа што нема пари да плати.

Според официјален извештај на Фондот за здравствено осигурување за 2016 година, 220.000 граѓани лани користеле болничко лекување. Може само да се претпостави какво финансиско олеснување би било за осигурениците доколку не требале да платат болничка партиципација.

Според наши проценки околу 420 милиони денари годишно досега граѓаните плаќале за да се лекуваат во болниците.

Како што е предвидено во Програмата на новата Влада, а тоа е преточено и во законот, овие трошоци на граѓаните ќе ги покрива државата.

Алармантни се податоците од народниот правобранител дека граѓани не можат да добијат отпусно писмо, додека не платат партиципација.

Често, лекувањето на граѓаните не завршува со болничкото лекување. Тоа значи дека овие граѓани се спречени да го остварат целосно сопственото правото на здравствена заштита, што се одразува и врз нивното здравје.

Ние ветивме дека ќе градиме општество на еднакви граѓани. И законот што го предлагаме за бесплатно болничко лекување значи дека тоа ќе биде достапно за секој граѓанин кој има потреба од тоа.

Ова е само една од мерките со коишто ќе изградиме јавно здравство достапно за сите. Ќе воспоставиме систем што ќе гарантира брза и квалитетна здравствена заштита на секое ниво, со точно определени рокови и одговорност.

Ваквиот здравствен систем ќе им овозможи и на лекарите да бидат целосно посветени на пациентите, а граѓаните нема повеќе да бидат жртви на административните процедури.

Новата реформска Влада се обврзува на достапно, квалитетно, професионално и современо јавно здравство. Законот за бесплатно болничко лекување за сите е само еден чекор кон промените на здравствениот систем„ изјави д-р Злате Меxмедовиќ член на Комисијата за здравство на СДСМ.