Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓
Утре, 7-ми април, на Денот на здравството, приватните матични лекари и медицинските сестри ќе протестираат пред Министерството за здравство затоа што ниедно барање не им е исполнето, иако пред околу еден месец им беше ветено дека работни групи ќе почнат да ги решаваат децениски наталожените проблеми во примарното здравство.
Тие ќе стават клуч на вратите на ординациите и со комбиња ќе дојдат пред Министерството за здравство на пладне и нема да лекуваат цел ден. По овој мирен протест, ќе следува повеќедневен штрајк. Матичните лекари имаат конкретни барања и велат дека нема да прифаќаат празни ветувања за да се пацифираат, а состојбите во приватното здравство да не мрднат од мртва точка, пренесува Слободен печат.
Пред да си замине од функцијата, екс министерот за здравство Венко Филипче, предложи измени на Законот за здравствена заштита со кои пациентите остануваа прикрепени за ординацијата, во случај докторот да замине во пензија. Но овие измени на законот, иако се најдоа во собраниска процедура, новото раководство на министерството за здравство ги повлече на разгледување. Со измените, меѓудругото, им се овозможуваше на специјалистите да работат каде сакаат, во државно или приватно здравство, како и да мигрираат согласно дефицитот во нивната специјалност.
Прво барање на матичните лекари е да им се покачи сумата за капитацискиот бод, затоа што тековните 65 денари не се доволни ниту да платат основни режиски трошоци, а камоли за опремување на ординациите со современа опрема или да се вработи доволно персонал. Особено погодени од тешката финансиска ситуација и незадоволни се матичните лекари во руралните средини, кои за да стигнат на работа месечно одвојуваат по 250 евра од својот буџет за превоз, пари кои никој не им ги надоместува.
Ова е трет протест на матичните лекари, на кој повторно ќе бидат истакнати и долгогодишните проблеми со начинот на кој Фондот за здравство ја исплаќа капитацијата за нив, со доцнење од два и три месеци, нешто кое што им е наведено и во договорот, а лекарите го сфаќаат како уцена, бидејќи доколку тој договор не го потпишат, нема ни да им биде дозволено да работат со фондот.
Пред еден месец, матичните лекари протестираа, но за само еден ден протестот беше прекинат зашто заменик министерот за здравство доктор Владимир Рендевски и министерот за здравство доктор Беким Сали, ветија дека ќе се зафатат со решавање на горливите проблеми. Заменик министерот Рендевски тогаш рече дека една од договорените работи е да им се овозможи минимална плата на матичните лекари што немаат доволен број пациенти. До ден денешен, од тоа ветување нема ништо.
– Точна е забелешката на доктор Дервишова дека од 1.463 медицински тимови од примарната здравствена заштита, 500 се на работ на егзистенцијата и едвај добиваат загарантирана минимална плата за тим од доктор и сестра. Во тој сегмент ќе гледаме колку што е можно побрзо да придонесеме да останат мотивирани овие тимови со нивните работни обврски во интерес на пациентите, рече тогаш Рендевски.